Блупринт-група: Разочарува што предлогот на нов член на Судскиот совет се прави по старите критериуми

Граѓанските организации кои се дел од Блупринт-групата апелираат пред да избере нов член на Судскиот совет, Собранието да ги почитува сопствените заложби за подобрување на критериумите при избор на член на ова тело од редот на истакнати правници. Повикуваат и на што поскоро усвојување на законот за Судски совет, пред сè поради потранспарентната и поконкурентната постапка предвидена за нивен избор од досегашната

Блупринт-групата за реформи во правосудството изрази длабока загриженост поради предлагањето нов член на Судскиот совет од редот на истакнати правници кои ги избира Собранието на само неколку дена пред отпочнувањето на собраниската постапка за носење на новиот закон за Судски совет.

„Иако измените на овој закон долго време се подготвуваа како резултат на претходните случувања и со цел подобрување на составот и работата на Советот, процесирањето на законот неоправдано се оддолжи. Дури по објавувањето на огласите за избор на нов член од редот на истакнати правници, постапката беше нагло забрзана“,велат од Блупринт-групата.

Оттаму сметаат дека уште позагрижувачки е што целиот процес е следен од меѓународната заедница, па наместо инситуционална зрелост при спроведувањето на обврските од Реформската агенда, се создава перцепција дека ваквите постапки го релативизираат и изигруваат самиот реформски процес.

Неформалната мрежа на граѓански организации смета дека наместо избор кој би се темелел на високи професионални стандарди за критериумот „истакнат правник“, што е предвидено со новото законско решение, се создава реален ризик од повторна примена на застарени и нашироко критикувани практики.

Оценуваат дека ваквиот пристап ги поткопува очекувањата на јавноста оти новиот закон ќе продонесе до избор на професионалци за членови на Судскиот совет, но и дека директно ја нарушува довербата во судството во целина.

„Наместо Собранието да го донесе новиот закон и да ги примени унапредените критериуми, се создава впечаток на недоследност во спроведувањето на реформските заложби. Со овој чин сериозно се нарушуваат напорите и очекувањата за приближување кон европските вредности и принципот на владеење на правото, кој претставува клучен услов на европскиот пат. Мандатот на членовите на Судскиот совет трае шест години, со можност за повторен избор, а доследното спроведување на нивните надлежности е суштинско за враќање на довербата во судството. Квалитетот на работата на ова тело непосредно зависи од неговиот кадровски состав“,велат од Блупринт-групата за реформи во правосудството.

Граѓанските организации кои се дел од Блупринт-групата апелираат пред да избере нов член на Судскиот совет, Собранието да ги почитува сопствените заложби за подобрување на критериумите при избор на член на ова тело од редот на истакнати правници. Повикуваат и на што поскоро усвојување на законот за Судски совет, пред сè поради потранспарентната и поконкурентната постапка предвидена за нивен избор од досегашната.

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close