Бочварски: Автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен, очекувам неделава да биде доставен експертскиот извештај

Прашан за тоа колку ќе треба да плати државата доколку се раскине договорот со изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“ – Бочварски со одговор дека сè уште не може да се зборува за раскинување на договор ниту за други идни чекори додека тој извештај не биде разгледан и не биде донесена одлука од страна на Владата

Како ќе продолжи изградбата на автопатот Кичево – Охрид, кој требаше да биде готов до крајот на оваа година, засега не се знае, а работите треба да станат појасни откако ќе биде завршен извештајот на експертите што ги ангажираа Министерството за траспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска изјави дека очекува извештајот на надзорниот орган и на експертите за ФИДИК (Меѓународен стандард за реализација на меѓународни договори) да биде доставен до ЈПДП и до Министерството во текот на оваа недела.

Сите одлуки и идни чекори, како што рече Бочварски, кој денеска беше на увид на изградбата на брана на реката Отиња во Штип, надлежните ќе ги носат заедно со Владата.

„Извештајот е во изработка. Јас очекувам во текот на оваа недела да биде доставен од Надзорниот орган и од страна на ФИДИК-ескпертите до Јавното претпријатие за државни патишта и до Министерството, по што ќе побараме тој извештај да биде разгледан на седница на Влада и оттаму сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата… Идните чекори треба да дојдат од експертите коишто ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија со цел овој проект да биде завршен“рече Бочварски одговарајќи на новинарски прашања.

Во таа насока тој нагласи дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен, но притоа, како што додаде, ќе мора да се запазат сите процедури кои ќе ги предвидат експертите и по планот што ќе го дадат тие ќе работат и Јавното претпријатие за државни патишта и Владата.

На прашањето колку ќе треба да плати државата доколку се раскине договорот со изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“ – Бочварски со одговор:

„Сè уште не можеме да зборуваме за раскинување на договорот, не можеме да зборуваме за идните чекори сè додека тој извештај не биде разгледан и не биде донесена одлука од страна на Владата“

Во врска со свлечиштата што се појавија на трасата – вкупно 11 на број – и дали се работи на решавање на овој проблем, министерот за транспорт и врски рече оти таму ќе биде потребно репроектирање и нови технички решенија.

„На автопатот се работи, таму каде што има фронт за работа. Тоа беше пораката и од страна на Владата и од мене и од Јавното претпријатие за државни патишта до изведувачите дека тие имаат обврска да работат на секоја позиција каде што е отворен фронт за работа. Но, онаму каде што се јавиле тешкотии, свлечишта, одредени состојби во однос на проектната документација и техничките решенија, таму секако треба да се репроектира, да се дадат нови технички решенија и притоа да се даде налог за работа на изведувачите“,рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Back to top button
Close