Бочварски- Цените на патарините ќе останат исти,нема покачување

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека досега немаат направено дополнителни анализи за тоа во која насока треба да одат цените на патарините. Во регионот во некои држави цените на патарините растат, кај нас остануваат исти, рече Бочварски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има поскапување на патарините.

Според него, важно е да продолжи изградбата и рехабилитацијата на патната инфраструктура со силна динамика за да го фатиме чекорот со развиените европски земји во делот на патната инфраструктура.

Бочварски вели дека се дава силен придонес преку реализацијата на патната и железничката инфраструктура, нешто што, како што посочи, ќе продолжи да се работи и понатаму, но не смее да се доведе во прашање ликвидноста на Јавното претпријатие, но и на буџетските средства за да продолжат да се реализираат со силна динамика патните правци во државата.

Министерот потсети дека ценовните шокови направија проблеми во целиот систем на градењето и градежништвото. Тоа, според него, се почувствувало најмногу во изградбата на патната инфраструктура бидејќи во текот на оваа година осцилираат и се покачија енормно цените на градежните материјали, на железото, на асфалтот, на бетонот.

„И тоа направи проблем во реализацијата на капиталните проекти но ние во ниту еден момент не запревме ниту еден проект поради овој проблем или растот на цените бидејќи се одржува ликвидност на Јавното претпријатие за државни патишта. Овде државата и Владата со буџетски средства и секако средствата од меѓународните финансиски институции коишто ги покренуваме и ги добиваме за да реализираме вакви капитални проекти. Сметам дека во овој момент инвестираме многу повеќе во делот на изградбата на патната инфраструктура отколку тоа што го добива ЈП за државни патишта“,рече Бочварски.

Тој ги наброја тековните и идните инвестиции и истакна дека во голем дел се реализираат токму со финансиите од наплатата на патната такса. Инвестицијата во автопатската делница на Коридорот 8 од Кичево до Охрид изнесува 600 милиони евра, на експресниот пат Градско кон Прилеп над 50 милиони евра, на патниот правец на превојот Плетвар којшто е завршен е над 5 милиони евра, а 66 милиони евра на експресниот пат Штип Радовиш што исто така заврши годинава. Бочварски ја посочи и инвестицијата во експресниот пат од Штип до Кочани што треба до биде пуштен до крајот на годината.

„Планот за наредната година е да отвориме градба, доколку се склучи договор со компанијата ‘Бехтел’, на преку 120 километри нови автопатишта. Тоа значи дека државата мора да ја следи динамиката на изградбата на патната инфраструктура за да можеме и во регионот да бидеме најдобри во патната инфраструктура бидејќи во нашиот дел се вкрстуваат двата значајни патни коридори, Коридорот 10 и Коридорот 8. Веќе добивме поддршка од ЕУ за Коридорот 8 кој пред само неколку недели беше внесен во мапата на главните коридори, а претходно беше само на мапата на споредните коридори“,рече Бочварски. 

Back to top button
Close