Бочварски: Изградбата на коридорите е клучно прашање за поврзување на регионите

Изградбата на коридорите е клучно прашање за поврзување на регионите. Коридорот 10 е веќе комплетиран како автопатско решение, а работиме и на комплетирање на Коридорот 8, истакна министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски одговарајќи на пратеничкото прашање во попладневниот дел од собраниската седница.

-Работиме на комплетирање на Коридорот 8. Од граничниот премин „Деве Баир“ со Бугарија кон Крива Паланка вршиме реконструкција на постоечкиот пат со доизградба на трета лента, реконструкција на сите мостови на таа делница во вредност од десет милиони евра. Продолжувајќи од Крива Паланка градиме нов експресен пат од две фази, од Крива Паланка до Ранковце. Во овој момент се работи на едната фаза, а за втората фаза имаме избор на компанија што треба да ги продолжи градежните работи, а воедно се рехабилитира и веќе постоечкиот пат, истакна министерот Бочварски.

Во изминатите неколку години, како што посочи, е рехабилитиран и постоечкиот пат од Ранковце од Крива Паланка, а се работи и на рехабилитација на постоечкиот пат од Куманово до Страцин, односно во источниот крак од Коридор 8, каде се вложени над 90 милиони евра.

-Обиколницата Скопје, Тетово и Гостивар е комплетирано автопатско решение, останува да го надградиме автопатот од Тетово до Гостивар со целосно нова траса. И една од најтешките делници од Гостивар до Кичево што се проектира во две фази, објаснува министерот.

Како најголем капитален проект на државата од 600 милиони евра, Бочварски го спомена автопатот Кичево – Охрид на кој се работи во моментов. Исто така, додаде дека денес се работи на 70 нови проекти, што значат 70 нови точки за засилување на градежните работи, а 25 од нив се одобрени во Министерството за транспорт и врски .

-Што се однесува на Јужниот Коридор 8 во Охрид, тој е исто така дел од плановите на Владата, секако со почитување на препораките на УНЕСКО. Се работи на едно законско решение што ќе бара широка парламентарна поддршка, а доколку ја добие ќе започне со изградба, со што целосно ќе се затвори Коридорот 8, додава министерот за транспорт и врски.

Back to top button
Close