Бочварски: Секој исплатен денар кон „Бехтел и Енка“ ќе биде објавен јавно

Груби невистини и чиста манипулација на јавноста е дека министерот Бочварски потврдил дека почнал да тече рокот за плаќање на пенали кон изведувачот, реагираат од Министерството за транспорт и врски. Оттаму велат дека „Бехтел и Енка“ ниту побарале – ниту наплатиле пари.

Од ресорното министерство интегрално го пратија одговорот на ресорниот министер Благој Бoчварски на новинарско прашање денеска за евентуално плаќање на пенали на „Бехтел и Енка“.

„Во однос на почетокот на градбата ние веќе информиравме дека 22 април е старт каде што изведувачот започнува со изработка на проекти, на урбанистички на основни проекти, со цел да започне и постапка на експропријација на земјиштито кое што е приватно. Да изврши снимање на теренот, состојбите, постоечката состојба на трасата. Да се види каде има подземни, надземни инсталации кои можеби ќе треба да бидат дислоцирани во текот на самата градба. Да се утврди постапката на геотехнички, геомеханички истражувања бидејќи без такви квалитетни анализи кои што претходат на почетокот на градбата, верувајте ќе имаме големи проблеми и одлагања на понатамошниот тек на градбата и тоа ќе има негативни влијанија врз целиот проект. Заради тоа чекор по чекор сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите навремено, брзо и ефикасно бидејќи граѓаните повеќе време за губење немаат. Јас верувам и Вие треба да ги прашате граѓаните на Прилеп и на Битола на Тетово, Гостивар Кичево, Струга и Охрид во каква инфраструктура сакаат да патуваат и дали таа треба да ја очекуваат во наредните 15 -20 години или тоа треба да го направиме час поскоро.

Што се однесува до исплатата на средствата, досега не се исплатени средства кон компанијата. Првата исплата на средства би била авансот за отпочнување на градежните работи и секој исплатен денар кој ќе биде од страна на Владата и државата кон ЈПДП, а потоа и кон изведувачот и ќе биде објавен на сајтот на јавни финансии.

За прашањето за пеналите го апсолвиравме и одговоривме, а ви кажав дека немаме исплатено ниту средства за авансот се уште. Така што, во однос на ова прашање ви дадов одговор”кажал министерот Бочварски, а пренесува ресорното министерство.

Денеска опозицискиот лидер Христијан Мицкоски пак, објави нови детали од договорот кој е не е достапен за јавноста, велејќи дека Владата сака да го почне проектот со „Бехтел и Енка“ без да добие дозвола за градење.

Тој кажа и дека бидејќи Законот за работни односи не е сменет, од денеска стартуваат пеналите коишто државава ќе треба да му ги исплаќа на американско-турскиот конзорциум што ќе ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.

Договорот што Владата го склучи со „Бехтел и Енка“ не е објавен јавно, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека Владата ќе го прати до Јавното обвинителтство, иако остана нејасно во каква процедура ќе го направи тоа бидејќи ниту легислативата ниту праксата познаваат нешто такво.

Од она што досега е познато во јавноста и за што власта информираше, е дека од 22 април почнува реализација на договорот, но наместо отпочнување со градба, вчера, ресорното министерство соопшти дека стартуваат подготвителните работи.

Тоа значи дека стартувале подготвителните работи како снимање на теренот, подготовка на проекти за да отпочне експропријација, мобилизацијата на персонал за работа, мапирање локации за поставување кампови за градежна оператива, анализа на трасата итн.

Со подготвителни работи, денеска започнува реализација на договорот со „Бехтел и Енка“, велат од Министерството за транспорт и врски

 

Back to top button
Close