Бочварски: Штип ќе добие в.д. градоначалник, можни се предвремени локални избори во општината
Општина Штип ќе добие в. д. градоначалник, откако сегашниот градоначалник Благој Бочварски ќе ја преземе министерската функција во Министерството за транспорт и врски. Тој ќе биде избран од редовите на советниците во Советот на Општина Штип.
Бочварски денес на прес-конференција најави дека можно е одржување предвремени локални избори во општината.
„Јас и досега имав назначено заменик градоначалник од редот на советниците, постапката ќе ја продолжи општината и ќе се преземат сите наредни чекори, ќе се избере в.д. градоначалник кој ќе ја извршува таа функција се до следните локални избори. Законот е јасен па ќе го толкуваат и нашите правници. Реална е таа можност да се оди на предвремени локални избори, според овие закони, нека ги толкуваат правниците, како ќе се одлучи, веројатно е дека во Штип ќе треба да има предвремени локални избори. Во кој момент ќе се случат треба да одреди Владата и ресорното министерство“, изјавил Бочварски.
Пред новинарите порача дека особено ќе се посвети на патната инфраструктура, односно на изградбата на автопатишта, експресни и локални патишта, а рекол и дека ќе им помага на општините да добијат што е можне повеќе проекти.