Бочварски: Случајот со надзорот на автопатите е целосно комплетен пред институциите

 

Нема негативна референца за компаниите кои ќе го вршат надзорот на автопатите што треба да се градат. Овој случај е целосно комплетен пред институциите, но секој кој има потреба од дополнителни информации, може да се обрати до Јавното претпријатие за државни патишта, изјави вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

– Она што не информираше Јавното претпријатие за државни патишта е дека нема негативна референца за овие компании, пред се за ИРД, Ептиса и останатите компании. Второ, лиценците што мора да ги имаат за да настапат на јавната набавка, ги имале обезбедено. И од тој аспект, Комисијата ја утврдила документацијата како целосно доставена. Имало и управна контрола која уште еднаш го прегледала целиот предмет и дала согласност дека е согласно Законот за јавни набавки. И сметам дека овој случај е комплетиран пред институциите, но секој кој има потреба од дополнителни информации, ЈП за државни патишта може да информира, рече Бочварски за централниот дневник на телевизија „Сител“.

Изградбата на автопатските делници ќе чини 1,3 милјарди евра, но, како што посочи Бочварски, дополнително ќе се плати проектирањето и експропријацијата. Не верува дека целиот проект ќе надмине две милјарди евра.

Предноста на овој проект, според Бочварски, е тоа што Јавното претпријатие за државни патишта цело време во текот на договорот ќе биде инструментот којшто ќе одобрува одредени проектни и технички решенија на трасата.

.- Инженерите на ЈП за државни патишта, тимот кој ќе работи ќе го менаџира целиот порцес на градба. Ова е предноста за разлика од претходните решенија затоа што кога почнувавме одреден инфраструктурен проект, а проектната документација беше стара 10-тина години, на терен се појавуваа нови непредвидени состојби коишто изведувачот ги немаше предвидено и тогаш настануваше застој. Тоа го имавме и со автопатот Кичево-Оохрид каде во неколку наврати правевме репроектирање за да за да продолжи да се работи на терен, посочи Бочварски.

Со изградбата на овие автопатски делници, Бочварски очекува дека ќе се затворат паневропските коридори, а бенефит ќе имаат и домашните градежни компании и економијата во целина.

Back to top button
Close