Бочварски: Тарифникот не е пречка за Општина Центар да поднесе суспензија на ДУП

Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ, може да побараат суспензија на деталниот урбанистички план кој ја вклучува и парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“ и тоа што не е донесен новиот тарифник за дефинирање на цени по метар квадратен, не е пречка за оваа постапка, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во вечерашното интервју на „360 степени“.

Тарифникот кој го изготвува Комората на овластени архитекти бил доставен до Министерството за транспорт и врски и понатаму бил поминат и на владина седница, но како што вели Бочварски, по стручните анализи тој е вратен на доусовршување и откако ќе биде доработен повторно ќе се разгледува на владина седница, по што ќе биде објавен во Службен весник. Тарифникот беше аргумент на градоначалникот Богдановиќ, дека не може да бара суспензија на деталниот урбанистички план, но Бочварски вели дека тие постапки може да се водат и не се никаква пречка доколку Општина Центар се одлучи на ваков чекор.

„Во однос на тарифникот којшто беше изработен од страна на Комората на овластени архитекти, ние како Министерство го предложивме на владина седница и помина, но потоа со нашите стручни служби го анализиравме и сега заедно со комората работиме на негово доусовршување за да не се створат одредени правни проблеми и пречки. Треба да биде доведен во подобра форма по што ќе биде објавен во Службен весник. Но, зошто велам дека тој тарифник воопшто нема врска со суспензијата, затоа што суспензија на планови може да се тера како постапка и тоа воопшто не е спорно и е предвидено и во новиот Закон. Додека не биде донесен тарифникот, односно додека не бидат донесени подзаконските акти од новиот Закон, важат актите од претходниот Закон. Така што, општините и во овој момент можат да распишуваат постапки по претходниот Закон за урбанистичко планирање“,рече Бочварски.

Back to top button
Close