Богојески ќе си оди од Националната агенција за образовни програми, дали тоа значи дека не добил „зелено светло“ од ЕУ?
Петар Богојески актуелен директор на Националната агенција за образовни програми и европска мобилност и претседател на Движењето Македонски концепт се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата Христијан Мицкоски.
Како што се информираат од Македонски концепт н средбата биле договорени неколку точки, меѓу кои и тоа дека Богојески во следниот период ќе раководи со друга институција.
„Договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски Концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски Концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција“ стои во соопштението на Македонски концепт.
Покрај тоа, Богојески и Мицкоски договориле и заеднички настап на локалните избори.
Богојески кратко ја извршува директорската функција на она што популарно е познато како Еразмус плус, а неговото поставување наиде на бројни забелешки од страна на јавноста особено на недоличниот говор што Богојески го употребува(ше) на социјалните мрежи.
Од поставувањето па до денес постојано се појавуваа информации дека Европската комисија ја нема извршено промената на правниот застапник за Еразмус образовните програми во Северна Македонија, односно, се нема произнесено за именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
(24инфо.мк)