Богојески: Само гласот за број 10 е глас за победа на граѓаните врз политичарите

– Изминативе 30 години се изнаслушавме безброј лажни ветувања од левичарите и десничарите, а ветувањата се потполно исти. Лидерите на двата политички блока СДСМ и ДПМНЕ упорно ја залажуваат јавноста дека Заев ќе донесе правда и ќе го врател Груевски, додека пак Мицкоски ќе го реши Заев. Слушнавме ветувања за правда, за подобар живот, за повисоки плати, за подобра социо-економска положба, за казнивост на политичарите, политичка одговорност, но не добивме ништо, изјави денеска на прес конференција Петар Богојески, носител на листа на Македонски концепт во ИЕ1.

-Можам само да констатирам дека нема разлика помеѓу господин Заев и господин Мицкоски, со една забелешка дека Мицкоски е најдобриот лидер на опозиција, но само за Заев, а не и за Македонија!, рече тој.

Според него, промената на власта нема да се случи ако граѓаните гласаат за Мицкоски и нема да биде симната елитата која 30 година го прави истото со нашата држава.

-Тие лица околу Мицкоски не се борат за доброто на граѓаните и државата, туку само за лична слобода, лични интереси и кариери! Изминативе години со случувањата во државата многу пати се уверивме во тоа. Неказнивоста на политичките бандити е симбол на соработката помеѓу овие двајца лицемерни лидери на СДСМ1 и СДСМ2. Тоа што криминалците политичари не одговараат пред законот најмногу им одговара на нив двајца, и со тоа се продолжува со злоупотреба на јавните политички функции за семејно богатење, рече тој.

Го запраша и министерот за надворешни работи Никола Димитров да каже на македонската јавност каде се гаранциите од Преспа за европската интеграција на Македонија.

-Македонскиот народ сака да знае и што направи госпоѓа Силјановска – Давкова во последниве 30 години како министерка и универзитетски професор за правото и правдата во земјава? Дали со личен пример покажа дека министрите треба само да се богатат и тоа ли се тие право и правда за кои се залага Обновата?, рече тој.

Истакна дека од Македонски концепт се залагаат за казнивост на политичарите, политичка одговорност, кривично дело- лажно политичко ветување и финансиска лустрација на политичарите, функционерите и сите што се на јавни функции почнувајќи од него и оти со вакви закони ќе дојдеме до вистински граѓански парламент кој што ќе работи во функција на граѓаните и само за интересите на граѓаните.

-Само гласот за број 10 е глас за победа на граѓаните врз политичарите, заклучи Богојески.

Back to top button
Close