Богоевски : Дилеми кои постојат во нашата јавност за инвазијата на Украина

Четири реални дилеми кои постојат во нашата јавност за инвазијата на Украина и за кои мораме да разговараме:

1. На глобално ниво, ова е судир помеѓу САД и Русија. Ова не е судир помеѓу САД и Русија. До скоро, Претседател на САД беше Доналд Трамп. Судејќи по неговото однесување кон Путин за време на мандатот и фалбите кои му ги упати по инвазијата во Украина – доколку се’ уште беше Претседател на САД, тој ќе го поддржеше  Путин и реакцијата на САД ќе беше практично непостоечка.

Ова е судир помеѓу демократијата во западна смисла на зборот и автократските режими. Судир помеѓу политичкиот плурализам, човековите права, владеењето на правото и контролата и надзорот врз власта против правото на разузданите диктатори да прават што сакаат без никакви последици.

2. Што им требаше на Украина да сакаат да станат членка на НАТО? Зарем не можеа да се откажат од НАТО – тогаш немаше да дојде до ова. Бидејќи се суверена и независна држава.

Бидејќи би требало да имаат право самите да одлучуваат за својата иднина (ова е нешто што би требало да е добро познато на нас, Македонците). Бидејки Украинците цела деценија беа под безбедносна закана од Русија и Путин.

Силеџиите како Путин секогаш ќе имаат оправдување за своите постапки. Дали тоа ќе беше некоја друга измислена закана, еднострана историја или “одбрана на руското население од нацизмот” на украинскиот претседател со еврејско потекло е небитно.

Доколку Украина немаше аспирации кон НАТО,  Путин ќе влезеше со тенкови до Киев уште кога влезе во Крим, во 2014г.

3. Ама и НАТО и Американците не се светци. Да. Ама не смееме да ставаме знак на равенство. Вистина е дека НАТО немаше Резолуција на ОН за бомбардирањето на Србија (поради Русија). Ама и вистина е дека Милошевиќ правеше етничко чистење на Косово и дека сите (вооружени и цивилни) Албанци на Косово ќе беа сотрени без интервенција од надвор. Вистина е дека немаше оружје за масовно уништување во Ирак.

Но веднаш штом постоеа индикации дека навистина немало ОМУ во Ирак, САД спроведоа своја истрага, ја соопштија вистината пред целиот свет и го повлекоа најголемиот дел вооружени трупи од Ирак. Но, што и да се случи во Украина, Путин никогаш нема да признае дека греши. Напротив, тој би продолжил да ја радикализира руската нација, уште потврдо газејќи на својот наратив. Не велам дека нашава демократија е совршен систем.

Далеку од тоа. Но, дефинитивно е најдобриот систем кој го имаме на располагање. Затоа, никогаш и никаде – дури ни во најразвиените западни држави – не може да се каже дека демократијата е постигната. Таа не е неменлива состојба, туку постојан стремеж кон подоброто. Во моментот кога ќе престанеме да се стремиме кон тоа, ќе се појават нови Путиновци, Милошевиќи, Орбановци, Груевци и Апасиевци во најава кои ќе не вратат децении наназад, во времето на буквално леење крв по улиците.

 4. Подобро да не се дига многу галама – на никој не му одговара поголема ескалација. Да, на краток рок. Што правиме ако Кина реши да го направи истото во Тајван? Ако Вучиќ одлучи дека треба “да ги брани” сепаратистите во Босна со тенкови? Што правиме кога утре на Путин нема да му биде доволна Украина и тргне кон Полска?

Знам дека ова звучи како приказни за плашење мали деца, ама до пред петнаесет години можностите за три инвазии на тлото на Европа (Јужна Осетија, Крим и остатокот од Украина) од страна на една држава во 21 век звучеа како исто такви приказни. Не смее да им се молчи на силеџиите и чудовиштата како Путин, без оглед на цената.

Дури тогаш вистински сме ја загубиле битката. Како што и покажува самиот Зелински, одбивајќи ја понудената евакуација од Вашингтон и поминувајќи ги нападите на отворено помеѓу своите граѓани – за некои работи вреди човек да се бори. За некои вредности вреди човек и да умре. Слава и’ на Украина!!!

Back to top button
Close