Богоевски со извинување до Камчев: Се надевам дека сега твојот углед е повторно блескав

Поранешниот пратеник Павле Богоевски денеска преку Фејсбук упати јавно извинување до бизнисменот Орце Камчев и ја избриша објавата во која имаше напишано дека се сомнева дека Камчев е медицински феномен, бидејќи по втор пат во месец дена е Ковид позитивен.

-Наведов и дека ‘тестовите, се разбира се направени во Систина’.
Врз основа на Барањето за извинување и јавно повлекување на изјава на Камчев, тој тестовите ги направил во две други лаборатории, а не во Систина. Добро, му верувам. Башка, и не би сакал да се влечам по судови со неговите несомнено скапи и очигледно ефикасни адвокат. Затоа, ја повлекувам изјавата. И ќе му се извинам, и за тоа и за се’ останато, пишува Богоевски.

Тој понатаму му се извинува на Камчев за неколку работи:

Извини Орце што погрешно сум ја навел институцијата чии потврди ти беа искористени за уште едно одложување на судењето против тебе и на пресудата која толку многу ти посакувам што побрзо да ја дочекаш (каква и да е, се разбира).
Извини Орце, што лошиот груевски те стави во незгодна положба да мораш да му ги купуваш криминално стекнатите плацови на Водно, па уште најсериозно да изјавуваш дека ‘не сфаќаш зошто си обвинет’.
Но најмногу извини, за рекетирањето од Катица и кретенон Боки. Извини што за проклети пари уништија се’, и те направија жртва во ситуација кога требаше да докажат дека си главна пералница на пари на режимот со испрани над 10 милиони евра.

Богоевски порача дека се надева дека по ова извинување честа и угледот на Камчев повторно се на „блескавото и беспрекорно ниво на кое беа пред мојата дрска објава.“

Back to top button
Close