Болницата „8 Септември“ започнува со редовни операции на пациенти кои не се позитивни на коронавирусот

Градската болница „8 Септември“, која во моментов е најголемиот ковид-центар во земјава, од денеска треба да почне и со редовните операции на пациенти кои не се позитивни на вирусот, објави „Фактор“.

Од почетокот на март, откако беше прогласена епидемијата во земјава, болницата е здравствена установа во која се хоспитализираат најголемиот број пациенти заразени со корона вирусот, а истовремено тие се и со најтешка клиничка слика. Од овие причини, во болницата практично и да немаше операции, освен тие што беа итни.

– И покрај тоа што во моментов има точно 100 хоспитализирани пациенти болни од ковид, од кои тројца се на респираторна поддршка, во текот на изминативе скоро две недели се направи реорганизација во болницата за да можеме да правиме барем по три хируршки зафати кај пациентите кои веќе неколку месеци чекаат, а за среќа не се итни – велат за Фактор од ГОБ „8 Септември“.

Истовремено потенцираа дека дел од пациентите болни од вирусот се префрлени на првиот кат, каде претходно беше сместена кардиохирургијата на Жан Митрев, а целосно е исчистена и направена е дезинфекција на шок собата, односно интензивната нега, како и оперативниот блок за да се стават во функција за редовните операции.

Во болницата има 30 хирурзи, за разлика од анестезиолозите, кои се само 11, па од оваа установа велат дека тоа е навистина проблем кој ќе мора итно да го решат.

Back to top button
Close