Болницата во Козле станува универзитетска клиника, Ковачевски јавно изрази благодарност до докторите – тие го спасија животот на мојот син

Повеќе од 70 години, ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје е симбол на професионалност и грижа за децата и со проширување на дејноста тоа заслужено се надградува и се отвораат можности за натамошен развој на оваа установа. Ова денеска по повод промената на дејноста, видот и називот на болницата за деца „Козле“ во Скопје го изјави премиерот Димитар Ковачевски при посетата на институцијата која со одлука на Владата прерасна во универзитетска клиника.

„Имам исклучително високо мислење за оваа клиника. Тука пред неколку години се спаси животот на мојот син и навистина ми е емотивен момент што денеска сум тука. Знам колку беа посветени овие доктори. Затоа сакам овој момент да го искористам и за лична благодарноста на овие доктори“,изјави премиерот.

Во обраќањето тој соопшти дека Владата на седница во октомври донесе одлука со која ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје прераснува во Јавна здравствена установа универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје.

„Со оваа одлука се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно -методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината,рече Ковачевски.

Се очекува дека со одлуката за промена на дејноста на оваа здравствена установа ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи, со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.

Фатмир Меџити, министерот за здравство, рече дека ова е голем чекор напред за установата и признание за посветената работа и заложбите на раководството и на целиот медицински и немедицински персонал, кој применува стручен и мултидисциплинарен пристап од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза.

„Универзитетската клиника Козле која како установа постои веќе 72 години, претставува единствен центар на Балканот кој третира исклучиво респираторни заболувања, односно заболувања на дишните патишта кај децата. На годишно ниво овде се вршат над 35 илјади амбулантски прегледи и над 4 илјади хоспитализации на деца со респираторни заболувања, а стручниот кадар опфаќа 55 доктори специјалисти и супспецијалисти од над 200 здравствени работници. Со прераснувањето во универзитетска клиника, оваа установа се зајакнува како наставно-научна база во рамки на која врвниот стручен кадар ќе го пренесува своето знаење и искуство на помладите специјализанти и студенти. На крајот, сакам да им честитам на медицинскиот и организацискиот директор, како и на целокупниот кадар за исклучителната посветеност, која верувам ќе продолжи и во иднина“,изјави Меџити.

 

Back to top button
Close