Бомба фрлена од автомобил во движење кон ресторан кај Тетово, има двајца повредени

Двајца луѓе синоќа завршиле повредени откако рачна бомба била фрлена од автомобил во движење кон ресторан во тетовското село Добарце.
Инцидентот се случил околу 1:20 часот, кога 51-годишниот Д.Ф. од селото Добарце пријавил дека од патничко возило „цитроен“ била фрлена бомба кон неговиот ресторан, кој се наоѓа покрај локалниот пат, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Од експлозијата е предизвикана материјална штета, а со повреди се здобиле Е.А.(57) од с.Чифлик, тетовско и Г.Ф.(60) од с.Добарце, кои биле во кругот на ресторанот. Повредените веднаш биле префрлени во Клиничката болница во Тетово за укажување на лекарска помош. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Тетово, при што биле пронајдени чаури од пиштол“, се наведува во соопштението.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот и целосно расчистување на случајот.






