Борел го осуди расизмот и полициската бруталност во САД

Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, со силни зборови се осврна на случувања во САД од последните недела дена и порача дека ЕУ осудува расизам и насилство, јави дописничката на МИА од Брисел.

Афроамериканецот Џорџ Флојд кој беше убиен од американската полиција пред точно една недела предизвика немири во САД и протести ширум светот, со барање да се стави крај на полициската бруталност против Афроамериканците.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, одговарајќи на новинарско прашање рече дека “тука во Европа ги сакаме луѓето од САД“, но и дека Европа е “шокирана и згрозена“ од смртта на Џорџ Флојд.

-Сите општества мора да бидат внимателни кога станува збор за претераната употреба на сила, посебно општествата кои се засноваат на владеење на правото, демократска застапеност и слобода, луѓето кои се одговорни за редот да не ги користат нивните капацитети на начин на кој беа употребени во случајот на оваа многу несреќна смрт на Џорџ Флојд, рече Борел.

Шефот на дипломатијата директно му се обрати и на американското лидерство.

-Ова е злоупотреба на моќ и од тоа мораме да се откажеме и да се спротивставиме, додаде шефот на дипломатијата на ЕУ.

Европската Унија “поддржува право на мирен протест“, рече тој.

-Осудуваме насилство и расизам од било кој вид и апелираме да деескалираат тензиите, веруваме во способноста на Американците да се сплотат за да ги излечат раните како нација, и дозволете ми да повторам дека сите животи вредат, животот на Црнците вредат, заклучи Борел користејќи го слоганот на граѓанското движење кое ги организира протестите, ‘Black Lives Matter’.

Back to top button
Close