Борел и Блинкен: Додека трае руската агресија против Украина, клучно е Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со ЕУ

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел го повикаа македонскиот парламент да донесе одлука со која земјата ќе оди напред. Во заедничка изјава, Борел и Блинкен велат дека во критичен момент за европската историја, додека трае руската агресија против Украина, клучно за целиот европски континент е Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со ЕУ.

„Во овој критичен момент во европската историја, одбележан од неоправданата агресија на Русија против Украина, напредувањето на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент. Водени од заедничките вредности и ЕУ стандардите и бенчмарковите, двете земји се подготвени да го направат следниот чекор кон членство во ЕУ. Го поздравуваме компромисниот предлог кој ги зема предвид интересите и грижи и на Северна Македонија и на Бугарија, врз основа на меѓусебна почит, доверба и разбирање. Суверенaта одлука на парламентот на Северна Македонија ќе биде важна да се оди напред. Духот на конструктивниот компромис на кој е изградена европската интеграција треба да продолжи да ги инспирира сите вклучени во овој историски процес. ЕУ и САД се посветени на поблиска соработка во Западен Балкан. Обезбедувањето стабилност и просперитет и преточувањето на нивната европска и евроатлантска иднина во реалност останува наша заедничка цел“, се вели во заедничката изјава на Блинкен и Борел.

Владата во четвртокот ја проследи Преговарачка рамка за Македонија со ЕУ, предложена од Француското претседателство, во Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци.

Собранието засега нема закажано седница за предлогот, а тоа најрано би се случило идниот викенд, во недела, бидејќи од понеделник на дневен ред е ребалансот на буџетот. Расправата за буџетот треба да заврши до петок на полноќ. Во принцип, дотогаш не може да се уфрлуваат други собраниски седници, но претседателот на Собранието Талат Џафери остави резерва да ја прекине седницата за буџетот, ако има потреба.

Back to top button
Close