Борхес за Кафка: Најнеоспорниот талент на Кафка е смислувањето на неподносливи ситуации

Колку што е познато, пред неговата смрт, Вергилиј ги задолжил своите пријатели да го претворат недовршениот ракопис на Енеида во пепел, текст во кој инвестирал единаесет години благородна и нежна работа. Шекспир никогаш немал намера да ги обедини многуте дела во еден том; Кафка побарал од Макс Брод да ги уништи романите и раскази кои подоцна го прославиле.

Сродноста на овие познати епизоди, ако не грешам, е само привидна. Вергилиј сигурно знаел дека може да смета на непослушната лојалност на неговите пријатели; Кафка на Брод. Случајот со Шекспир е различен. Де Квинси претпоставува дека, за Шекспир, јавноста за неговото дело се состоело во неговите изведби, а не објавување; за него, најважна била сцената. На крајот на краиштата, човекот кој навистина сака неговото дело да исчезне, не ја доверува таа задача на друг. Кафка и Вергилиј не сакале уништување на нивните дела; тие само сакале да се ослободат од одговорноста што делото секогаш ни ја наметнува. Мислам дека Вергилиј бил поттикнат од естетски причини; тој сигурно би посакал да рафинира некои каденци или по некој епитет. Ми се чини дека случајот на Кафка е покомплициран. Неговото дело би требало да се дефинира како парабола или серија параболи чија тема е моралниот однос на поединецот кон божеството и кон неговиот неразбирлив свет. И покрај современиот амбиент, тоа е помалку блиско до она што обично се нарекува модерна литература од „Книга Јов“.

Претпоставената религиска и, пред сè, еврејска свест; формално имитирање во некој друг контекст е целосно бесмислено. Кафка на своето дело гледал како чин на вера и не сакал преку него да ги обесхрабри луѓето. Затоа му наложил на својот пријател да го уништи. Можеме да претпоставиме и други причини. Кафка можеби навистина сонувал само кошмари и знаел дека реалноста ќе се погрижи постојано да му прибавува нови. Тој ги предвидел патетичните можности за залудност, што е забележливо во скоро сите негови книги. Тагата и залудноста несомнено го измориле на крајот. Подраго би му било да пишува поведри страници, но искреноста не му дозволувала да ги создава.

Нема да го заборавам моето прво читање на Кафка во модерно издание во 1917 година. Неговите уредници – на кои не им недостасуваше талент – беа посветени на откривање на недостаток на интерпункција, недостаток на големи букви, недостаток на рима, вознемирувачка симулација на метафори и други задачи што се карактеристични за таа младост и можеби на целата младост. Во толпата на бучниот печат, еден аполог со потпис на Франц Кафка ми се чинеше, и покрај мојата попустливост на млад читател, необјасниво безначаен.

После сите овие години, се осмелувам да ја признаам мојата непростива литературна нечувствителност; Поминав покрај откровението, но не забележав.

Добро е познато дека Кафка се чувствувал таинствено виновен пред својот татко, како Израел пред својот Бог; неговото еврејство, кое го одделило од повеќето луѓе, мора да влијаело врз него на некој сложен начин. Свеста за веројатната смрт и грозничавото возвишување на туберкулозата како да ги изостриле неговите способности. Овие забелешки се попатни; како што рече Вистлер, „уметноста се случува“.

Две идеи – или поточно, две опсесии – преовладуваат во делото на Франц Кафка.

Подчинетоста е прва, а бесконечноста втора. Во скоро секоја негова проза постојат хиерархии и тие хиерархии се бесконечни. Карл Росман, протагонист на неговиот прв роман, е несреќен млад германец кој си отвора пат кон некој сложен континент; конечно е примен во Големиот театар во Оклахома; тој бесконечен театар не е ништо помалку населен од светот и го навестува Рајот.

(Многу чудна карактеристика: дури и во таквата фигурација на небото, луѓето не успеваат да бидат вистински среќни и има тривијални и разновидни пречки) Во друг роман, Јозеф К. постепено дотолчен од некој бесмислен процес не успева да дознае за какво дело е обвинет ниту, пак, успева да се соочи со невидливиот суд кој ќе му суди;

И кој го егзекутира без претходно судење. К. херој на третиот и последен роман, геодет кој бил поканет во некој замок во кој тој не успева да се пробие, и умира непрепознаен од властите кои го водат замокот.

Темата за бесконечна залудност е присутна и во неговите наративи. Некој зборува за некаква порака од царот која никогаш не пристигнува заради луѓето што го попречуваат патот на гласникот; второ, за човек кој умира не успевајќи да го посети соседното село; трето, за двајца соседи кои не успеваат да се сретнат. Во најимпресивната приказна – „Изградбата на големиот Ѕид на Кина“ од 1919 година – бесконечноста е многуслојна: да се задржи маршот на бесконечно оддалечните војски; император, бесконечно оддалечен во времето и просторот им наредува на бесконечни генерации бесконечно да подигнуваат бесконечен ѕид што ќе го обиколи неговото бесконечно кралство.

Најнеоспорниот талент на Кафка е смислувањето на неподносливи ситуации. Само неколку редови му се доволни за да создаде незаборавна слика. На пример: „Животно го грабнува камшикот од рацете на својот господар и се казнува за претворање во господарот, не сфаќајќи дека тоа е само илузија создадена од новиот јазол на камшикот“. Или пак „леопардите собрани во храмот пијат вино од пехар; настанот се повторува; на крајот може да се предвиди што ќе се случи, па тој е вклучен во литургијата на храмот“.

Разработката кај Кафка помалку восхитува од измислувањето. Во неговото дело се појавува само еден вид маж: homo-domesticus – колку Евреин како Германец – кој копнее по своето место, колку и да е незначителен, во кој било Поредок; во вселената, во некои министерства, во лудница или зандана. Заплетот и амбиентот се важни, а не развојот или психолошкото понирање.

Во тоа е и предноста на неговите раскази пред романите; и оттука и правото да тврдиме дека овој избор на раскази ни дава целосна слика за еден толку единствен писател.

Хорхе Луис Борхес

извор: Феномени
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close