Борусија Дортмунд и Андре Шурле се разделија

– Борусија Дортмунд објави дека го раскинале договорот со Андре Шурле по меѓусебна согласност една година порано, откако светскиот шампион во 2014 година не успеа да ги покаже своите квалитети за неговиот четиригодишен престој во редовите на вицешампионите во Бундеслигата.

Сега Германецот остана без клуб и покрај тоа што има 57 натпревари за репрезентацијата и 22 гола, меѓу кои и два во историската победа над домаќинот Бразил со 7:1 во полуфиналето на СП во 2014 година.

Неговиот последен натпревар за репрезентацијата беше во 2017 година и во последните четири години, Шурле одигра само 51 натпревар и постигна осум гола за Дортмунд. Трансфер-прозорецот во Германија се отвори во среда и ќе трае до 5 октомври, а извршниот директор на „жолто-црните“ Ханс-Јоаким Вацке за Спорт 1 изјави дека дефинитивно ова не било успешна приказна за ниту една страна.

– Од таа причина, подобро беше порано да се раскине договорот, рече тој.

Заминувањето на Шурле следеше по она на Геце, кој се раздели со Дортмунд минатиот месец откако му истече договорот и ниту една страна не ја бара опцијата да го продолжи престојот во клубот. Геце не успеа да импресионира со своите настапи под водство на Лусиен Фавр, а Дортмунд остана втора последователна сезона на второто место во Бундеслигата по Баерн Минхен.

Back to top button
Close