Босанските камионџии од утре пак излегуваат на масовен протест

Регионот од утре би можел да се соочи со сериозни нарушувања во товарниот сообраќај, откако превозниците од Босна и Херцеговина најавија масовни протести поради правилата што им го ограничуваат престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, информира „Радио Сарајево“.
Според најавите, блокадите ќе почнат во 7 часот изутрина и ќе ги опфатат клучните гранични премини за товарни возила, меѓу нив и оние кон Србија.
Превозничките здруженија предупредуваат дека станува збор за реакција на, како што велат, неправеден третман на возачите од Западен Балкан, на кои им се отежнува нормалното извршување на работата.
Во заедничкото соопштение, Конзорциум Логистика БиХ порачува дека протестот не е изненаден потег, туку резултат на повеќе од една година неуспешни обиди проблемите да се решат институционално. Оттаму велат дека 14 месеци учествувале на состаноци, предлагале мерки и чекале државните институции да покажат дека системот може да функционира, но дека во меѓувреме не бил решен ниеден од клучните проблеми на секторот.
Иако, како што тврдат, постоеле ветувања од министри и од различни нивоа на власт во БиХ, тие останале само на хартија: биле донесувани заклучоци и постигнувани договори, но без конкретна примена во пракса.






