Бошњачкиот сојуз поднесе иницијатива за додавање на геноцидот во Сребреница во Кривичниот законик
Бошњачкиот демократски сојуз денеска на прес-конференција соопшти дека во својство на политички и национален претставник на македонските граѓани кои се припадници на бошњачкиот народ, покренал иницијатива за дополна на Кривичниот законик со која се бара во ставот 3 од член 407-а од КЗ, по зборот „холокауст“ да се додадат зборовите „геноцидот во Сребреница“.
Конкретниот предлог е доставена до пратениците од Европски фронт, кои во Собранието поднесоа предлог за дополна на Кривичниот законик.
-Како што геноцидот извршен над Евреите има име Холокауст така и ние бараме геноцидот кој е извршен врз нас во 1995 година да има име – геноцид во Сребреница, рече Фарук Хасиќ, директор на Бошњачкиот демократски сојуз.
Потсети дека оваа година се навршуваат 30 години од геноцидот во Сребреница кој е правно утврден факт од страна на меѓународните судови, како и дека во изминатите 15 години, нашата држава имаше јасен и недвосмислен став во однос на геноцидот во Сребреница. Беше усвоена Декларацијата за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница од 15 јануари 2009 година, и во 2024 година, нашата држава беше коспонзор на Резолуцијата за Сребреница од 23 мај 2024 година, која беше усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации.
-Резолуцијата на Европскиот парламент е усвоена со Декларација во нашето Собрание во 2010 година со поддршка на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а во 2024 година нашата држава беше коспонзор на Резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации благодарение на инцијативата на тогашниот министер за надворешни работи г-дин Бујар Османи, рече Хасиќ.
Според него, во изминатите неколку години, како во регионот така и кај нас, од страна на одредени поединци, јавни личности, политички лидери, па дури и јавни функционери, имало изјави и коментари со кои отворено се негира геноцидот во Сребреница.
-Добро знаеме дека негирањето на геноцидот претставува последна фаза од неговото целосно спроведување и може да биде најава за започнување нов геноцид. Затоа сметаме дека со усвојување на оваа дополна на Кривичниот законик, ќе се намалат и спречат ваквите појави во нашата држава. Нашата држава има правен основ, како и морална и политичка одговорност, овој геноцид да го именува како негирање на геноцидот во Сребреница, смета Хасиќ.
Претходно денеска Европскиот фронт на прес-конференција во Собранието најави дека ќе поднесе иницијатива за дополна на членот 407а на Кривичниот законик, во врска со санкционирање на негирањето на геноцидот во Сребреница.