Бошков: Владата нема да си дозволи отпуштање на 350.000 работници

Опасна претпоставка e дека поради енергетската криза ќе се отпуштат од 30 до 50 отсто од вработените во компании или 350.000 работници, оцени денеска Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи, коментирајќи ја вчерашната најава на Стопанската комора. Посочи дека компаниите најпрво мора да ги слушнат мерките за помош.

-Сметам дека Министерството за труд и социјална политика и Владата нема да си дозволат околу 350. 000 вработени да останат на улица и да бидат социјална категорија, на социјална помош. Тоа не може да си го дозволи државата, а сметам дека не може да си го дозволи ни самото стопанство, бидејќи поголемиот дел од компаниите во Македонија се одржливи и на долг рок, изјави Бошков, кој денеска присуствуваше на дебата на 6. Текстилијада во Штип, во организација на „Гласен текстилец“.

Веќе влегуваме во третата деценија на слободна пазарна економија, нагласи, и оние детски болести од отвори – затвори на компании мислам дека ќе станат минато и дека стануваат минато и дека одржливоста на компаниите е главниот фактор за економијата.

Прашан за мерката за замрзнување на маржите на производите, а не на цената на производите, какошто го прават соседните земји и дека граѓаните оваа мерка ја коментираат како воено профитерство, Бошков рече дека не може да каже оти е вид на воено профитерство.

-Тоа покажува една друга слика дека ние навистина сме увозно продуктно зависни. Затоа не можеме да интервенираме кај поголемиот дел од потрошувачките производи да имаат одредено замрзнување или корекција на цените. За жал, ние можеме да делуваме само во делот на маржите, бидејќи она што го увезуваме и го тргуваме, го продаваме на граѓаните, на потрошувачите. За нас како претставници на бизнис заедницата тоа е максимално неочекувана, непопуларна мерка, меѓутоа тоа е и можеби единствената мерка на Владата која може да ја испорача во овој момент, истакна Бошков.

Посочи дека Конфедерацијата на работодавачи секојпат ќе протежира слободна пазарна економија.

-Слободната пазарна економија нормално носи економска динамика и на тој начин го полниме буџетот и покажуваме даночна и економска одговорност, рече Бошков.

Очекуваат, како што рече, наредната недела да се објават мерките.

– Слушаме од политичарите дека договараат нови начини, нови извори на енергија од каков било тип, меѓутоа, како конкретна мерка очекуваме дека пред се микро, малите, средните компании, занаетчиите да имаат можност да бидат тарифирани во тарифа која не влегува во тарифа за индустриска струја. Ние доставивме такво барање како една конкретна мерка, а исто така бараме и субвенционирање, олеснување или, пак, блок дотации во однос на електричната или која било енергија, рече Бошков.

Back to top button
Close