Божиќни традиции и обичаи во Белгија – елка со четири свеќи како симболи за надежта, мирот, радоста и љубовта

Кога радиостаниците ќе започнат „да ја вртат“ песната „I don’t want a lot for Christmas“ од Мараја Кери станува јасно дека се наближува крајот на годината и доаѓа „сезоната на празниците“, која својата кулминација ја доживува со Божик и дочекот на Новата година.

Белгијците традиционално го слават Божик со богата бадникова вечера, присуство на божиќната полноќна миса и со посета на роднините и пријателите. Дури и оние кои не се сметаат себе си за верници, го користат овој празник за собирање со блиските и заедничко дружење.

Неодминлив дел од божиќниот декор и во Белгија се и филмовите со тематика поврзана со Божик, како „Сам дома“ или пак „Фантомот од операта“.

Но, за повеќето Белгијци „сезоната на празниците“ всушност почнува на 6 декември со чествувањето на денот посветен на Свети Никола.

Свети Никола

Меѓу децата во Белгија преовладува верувањето дека всушност Свети Никола е тој што им носи подароци, па спроти неговиот ден (ноќта меѓу 5 и 6 декември) ги оставаат своите чевли крај каминот или печката (во модерни услови до радијаторите) со цел во нив „добриот дедо“ да им остави подарок. За возврат и тие покрај чевелот оставаат подарок за Свети Никола, како цртежи, рачно испишани песни, колачиња, чоколади или овошје, но и моркови за неговиот коњ, како и по нешто за неговиот помошник, познат како Црниот Петар.

Покрај ова, постојат и многу песни што децата му ги пеат на Свети Никола за да го одоброволат.

Потоа, според верувањето, во текот на ноќта Свети Никола со својот коњ и Црниот Петар пристигнува на покривите на куќите и зградите, преку оџакот се спушта во домовите и во чевлите или крај нив остава подароци на децата.

Но, подароците не се по случаен избор. Свети Никола има бележник во кој се запишани имињата на сите деца и оценки за тоа дали биле добри или лоши и во зависност од тоа добиваат и соодветен подарок.

За оние деца кои биле „многу лоши“ постои „опасност“ да ги земе Црниот Петар, да ги стави во вреќа и да ги однесе во Шпанија!

Шпанија не е случајно избрана како „место каде одат лошите деца“. Имено, од 1482 белгиската територија доаѓа под власт на Хабсбурзите, и по поделбата на нивите поседи во Европа 1556 година денешна Белгија станува дел од Шпанска Холандија, како област под управа на Шпанија. Територијата на Белгија е дел од Шпанската Холандија се до 1714, кога преминува по управа на австриското крило на Хабсбурзите. За разлика од Австријците, Шпанците во белгиската историографија се запаметени како посурови владетели, па од таму и Шпанија во народната традиција станува симбол за лошо место.

Адвент

Адвентот е чествување кое започнува четири недели пред Божик, односно на 1 декември и трае до 24., односно до Бадник. По повод Адвентот се прават венци од бор или елка на кои се поставуваат четири свеќи, како симболи за надежта, мирот, радоста и љубовта, и секоја од нив се пали на по една недела, со што практично се одбројува до Божик. При секое палење на свеќата се пеат адвентски песни.

Со Адвентот се врзува и т.н. Адвентски календар, кој всушност е кутија со бонбони или чоколатца и над секое од нив има мали „прозорчиња“ со испишан број за одбројување до Божик. Децата секој ден до Божик отвораат по едно „прозорче“ и се сладат со бонбоната или чоколадото зад него.

Божиќни панаѓури

Неодминлив дел од чествувањето на Божик во Белгија се и божиќните панаѓури или базари. Тие се најзначајната традиција за Божик во Белгија, кои ги оживуваат градовите и населените места со празнични светилки и атмосфера.

Станува збор за тезги и штандови на кои се продаваат божиќни украси, подароци, но и храна. Традиционално најпопуларни пијалоци се џинот, вареното вино и специјалните божиќни пива, а меѓу јадењата смаутеболе или олиболе. Станува збор за благи пржени кнедли на база на гриз. Покрај ова, неодминливи се и вафлите и помфритот.

Кога станува збор за вареното вино, тоа во франкофонските делови на Белгија е по правило поблаго, додека во Фландрија е појако. Специјалните божиќни пива, како „Делириум Ноел“ и „Сент Бернардус Кристмас Але“, се произведуваат само за божиќните празници и можат да се нарачаат во угостителските објекти или да се купат во маркетите во текот на декември.

Во рамки на Панаѓурот на неколку плоштади и улици во центарот на Брисел се поставени штандови на кои се продаваат божиќни и новогодишни украси и подароци, но и традиционални белгиски чоколада

Покрај тезгите и штандовите, на панаѓурите има настапи на музичари, танчари, акробати, па дури и ди-џеј сетови, а на некои има и мини лизгалишта од мраз, како дополнителна понуда за забава и уживање.

Најпознат е панаѓурот „Зимски чуда“ во Брисел, кој има за цел да го промовира културното наследство, културата и занаетчиската традиција на градот, овозможувајќи им на локалните занаетчии, уметници, трговци и здруженија да ги промовираат и понудат на продажба своите креации и производи.

Дополнително, во рамките на „Зимските чуда“ годинава на плоштадот „Пуларт“ е отворено мало Божиќно село, кое има за цел на посетителите да им овозможи „гурманска пауза во топла атмосфера“ и да уживаат во слатки задоволства, топли пијалоци и панорамски поглед на Брисел.

Други познати божиќни панаѓури се одржуваат во Бриж, Антверпен, Лиеж, Гент и Монс.

Божиќни забави

Традиционално по училиштата пред Божик се организираат забави на кои се игра играта „делење подароци“. Станува збор за игра во која децата седат или стојат во круг и од еден на друг си подаваат пакет со подарок. Пакетот се подава сè додека трае музиката. Во моментот кога музиката престанува, детето во чии раце се наоѓа пакетот го задржува подарокот за себе и ја напушта играта. Играта трае сè додека секое дете не добие подарок.

Подароците вообичаено ги носат самите деца, па всушност станува збор за размена на подароците преку еден вид лотарија.

Многу француски семејства годинава ќе се откажат од традицијата под Божиќната елка да остават  подароци, поради недостаток на средства, јави дописникот на МИА.

Покрај ова, во пресрет на празникот се организираат и божиќни концерти на отворено, често со хорски настапи, како и различни паради.

Божиќни елки и останати декорации

Како и насекаде низ светот, и во Белгија неодминлив детал поврзан со Божик е божиќната елка, вистинска или пластична, украсена со лампиони, светилки, гирланди и машни, на чиј врв традиционално стои ѕвезда, како симбол на Витлеемската ѕвезда.

Правило во Белгија е дека елката не смее да се кити „додека не дојде Свети Никола“. Затоа, вообичаено, Белгијците го резервираат првиот викенд по 6 декември за китење на елките и украсување на своите домови. Накитените елки се чуваат до празникот Богојавление, кој според Грегоријанскиот календар се чествува на 6 јануари.

Покрај елките, многумина Белгијци ставаат и мини сцени со мотиви од Христовото раѓање, со фигури од Светото семејство, тројцата мудреци, овчарите и животните.

Оние, пак, кои живеат во куќи понекогаш поставуваат вистински божиќни елки во своите дворови, кои дополнително ги украсуваат со светилки и фигури на Дедо Мраз, ирваси, санки …

Први јануари - Нова Година, која годинава е во петок, е неработен ден за сите граѓани.  Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека овој ден е неработен согласно Законот

Во некои села и помали места се прават сцени со мотиви од раѓањето на Исус Христос во природна големина со кукли на светото семејство и тројцата мудреци, но понекогаш и со живи луѓе и животни. Во некои делови од Белгија фигурите во сцените на Христовото раѓање се облечени во локални носии, а во целиот амбиент е вклучена и локалната архитектура.

Оваа традиција се толкува како одраз на католичкото наследство на Белгија.

Бадникова вечера

Белгијците се познати по својата љубов кон храната. Како жители на земја позната по пивото, чоколадите и вафлите, тие секоја пригода ја гледаат како изговор да ја наполнат трпезата со вкусни закуски. А Божиќ дефинитивно не е исклучок од тоа.

Бадниковата вечера вообичаено започнува со аперитив и апетисани, по ова следува предјадењето, па главното јадење и на крајот неодминливиот десерт.

За предјадење вообичаено се служи супа, мини пици, домашно произведена паштета, помфрит …, но постои едно непишано правило – ако главното јадење е месо или живина, предјадењето е риба, како лосос или бакалар, или остриги и ракчиња, и обратно.

Главното јадење вообичаено вклучува полнета мисирка, глазиран фазан или гуска, печено пилешко, дивеч, пред сè дива свиња, или морска храна. Како додаток на главното јадење во Белгија неодминлив е компирот во сите варијанти – печен, пржен, рестуван или пире, како и тестенини и разновиден зеленчук, пред сè боранија, зеље и пашканат.

За десерт најчесто се служи традиционалниот бадников десерт „Керстсрон“ на холандски/фламански, односно „Ла биш де ноел“ на француски/валонски јазик. Станув збор за ролат од пандишпан со крем, кој е премачкан со глазура од путер и чоколадо. Покрај овој колач, популарни бадникови десерти се и сладолед-тортата и чизкејкот, но и костените и чоколатца во различни форми како елки, снегулки, Дедо Мраз, Свети Никола, ѕвончиња, ѕвезди …

Јадењата се „залеваат“ со вино или божиќно пиво, а на крајот на оброкот многу често се служи и топло чоколадо.

Инаку, топлото чоколадо се прави само од вистинско темно или млечно белгиско чоколадо, кое се потопува и се растопува во врело млеко и по желба може да се прелие со шлаг или бел слез.

Полноќна миса

По вечерата, католичките верници согласно повеќевековната традиција во Белгија присуствуваат на полноќната миса.

На мисата се пеат црковни песни со кои се слави Исусовото раѓање, но се упатуваат и благослови за семејна благосостојба.

По мисата, вообичаено семејствата ги продолжуваат чествувањата во своите домови со слатки или други закуски што трае до доцна во ноќта или раните утрински часови.

Божиќно утро и појадок

По традиција божиќното утро е предвидено за подароците, што во текот на ноќта на децата под елката „им ги оставил“ Дедо Мраз, кому Свети Никола му ја препушта улогата на „делач на подароци“ за Божик.

На Дедо Мраз, кој во франкофонските делови на Белгија се нарекува Пер Ноел, а во холандските Керстман, во пресрет на Божик децата му пишуваат писма со желби за подароците што сакаат да ги добијат.

На овој начин Белгијците имаат изградено двојна традиција на уникатно преклопување, при што Свети Никола се чествува како светител, додека Дедо Мраз како личност која се врзува со Бадник и Божик.

По поделбата на подароците следи традиционалниот божиќен појадок на кој се јадат еден вид погачици кои можат да бидат со месо или џем или кафен колач, кој обично се јаде со шолја кафе.

Во франкофонскиот дел на Белгија, јужниот регион Валонија, но и во Брисел, на божиќниот појадок се јаде и специјален сладок леб наречен „куњо“ или „куњел“, кој е во форма на бебе во повој, што би требало да асоцира на бебето Исус, и кој се служи со топло чоколадо или кафе. Традиција за консумирање ваков леб нема во северниот холандофонски регион Фландрија.

Нова година

Неодминлив дел од „сезоната на празниците“ е и дочекот на Нова година. Во Белгија не постои традиција на дочеци на Нова година по кафеани или клубови, иако и тоа се практикува во поново време, па вообичаено стартот на следната година се пречекува на градските плоштади, каде се организираат настапи на музичари или ди-џеи.

Некои Белгијци, пак, решаваат Новата година да ја дочекаат во кругот на семејството. Како и за бадниковата вечера, се организира богата трпеза и сè почесто се делат подароци. Децата вообичаено на ваквите семејни собири читаат специјални „новогодишни писма“ со честитки и желби за успеси на своите мајки или старателки, кои претходно ги пишуваат во училиштата.

Пристигнувањето на Новата година се одбележува со огномети и друга пиротехника, иако сè почесто расте притисокот за нивна забрана и за прекин на нивната примена.

Честитајќи си ја Новата година, Белгијците се бакнуваат по три пати, односно си споделуваат по три бакнежи за среќа.

Богојавление

„Сезоната на празниците“ во Белгија завршува со чествувањето на празникот Богојавление на 6 јануари, со кој, според католичката традиција, се слави денот кога тројцата мудреци Каспар, Мелхиор и Балтазар го посетиле бебето Исус, што претставува манифестација за „(по)јавувањето на Господ Исус Христос пред незнабошците“.

На овој ден деца облечени како тројцата мудреци одат од врата на врата и пеат богојавленски песни, за што домаќините ги наградуваат со пари, колачи или овошје. Нешто слично како нашите коледари.

Постои традиција за Богојавление да се подготвува „Пита за тројцата мудреци“. Станува збор за погача над која се поставува круна од хартија во златна боја, а во неа се крие ситен предмет наречен „фев“, што во буквален превод значи грав. Питата се дели меѓу членовите на семејството и оној кај кого ќе се падне „февот“ ќе биде крал или кралица на денот и треба да ја носи круната.

Честит Божик

Белгијците Божик си го честитаат на еден од трите службени јазици во земјата.

На холандски, чија белгиската верзија е позната и како фламански јазик, и кој се говори во северниот дел на Белгија, во регионот Фландрија и во Брисел, честитката гласи „Vrolijk Kerstfeest“.

На француски јазик, кој се говори во јужниот дел на Белгија и во Брисел, честитката е „Joyeux Noël“.

На германски јазик, кој го говорат околу еден отсто од Белгијците што живеат на истокот на земјата долж границата со Германија, честитката е „Frohe Weihnachten“.

Покрај ова во некои делови на Валонија се говори и на валонски јазик, кој се смета за регионална варијанта на францускиот, и на него честитката гласи „Djoyeus Noyé“.

Back to top button
Close