Божиќно послание на архиепископот г.г. Стефан: Празнувањето на Божиќ нѐ става пред избор

Празнувањето на Божиќ нѐ става пред избор – дали ќе го следиме примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел, или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост му се поклонија на новородениот Цар, порача поглаварот на МПЦ-ОА

Од секого од нас зависи дали Синот Божји ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста што Христовото рождество ја носи со себе, порача архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан во годинешното божиќно послание.

Како што рече тој, веста за доаѓањето на Месијата, пастирите и мудреците ја примиле со радост и љубов, а царот Ирод, пак, ја примил со завист и љубомора. Затоа, според поглаварот на МПЦ, како што радоста и љубовта нѐ прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нѐ уништат, правејќи нѐ робови на омразата и на стравот.

Токму така се чувствувал и Ирод, продолжи г.г. Стефан, кога од мудреците разбрал за раѓањето на пророкуваниот и очекуван Месија. Евангелието, додава, ни сведочи дека тој се вознемирил, плашејќи се да не го загуби својот престол.

„На сличен начин, како ова Иродово однесување, и ние честопати претпоставуваме дека квалитетите и успесите на другите луѓе ги засенуваат нашите, па почнуваме да ги гледаме нив како закана. Животот во Бога, пак, и осознавањето на вистината, дека бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нѐ вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање“,вели архиепископот.

Тој порача дека луѓето треба да се почитуваат меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова.

„Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усоврушување во радоста на Светиот Дух“,рече г.г. Стефан.

Затоа, тој рече, празнувањето на Божиќ ги става верниците пред избор – дали ќе го следат примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел, или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост му се поклонија на новородениот Цар.

„Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та Нему да Му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство“,заврши г.г. Стефан, честитајќи го празникот на сите припадници на Македонската православна црква во земјата и во светот.

Back to top button
Close