Божикна порака од архиепископот Стефан: Живееме во свет во кој има неправди и беззаконие, да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, во пресрет на Божик, испрати порака да постапуваме правилно, совесно и добродушно на местото каде што Господ нè поставил, да не се обесхрабруваме, туку да истраеме, дури и доколку ни се чини дека она што го правиме е мало и безначајно.

– Живееме во свет во којшто има неправди и беззаконие, каде што не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку и владеат норми најдиректно спротивни на нив. Но, да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо и вообичаено. Да не се сообразуваме со овој свет, туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди, порачува меѓу другото поглаварот на МПЦ-ОА во Божикното послание.
Според архиепископот, треба да сфатиме дека секоја наша постапка носи последици и дека и мали пропусти можат да доведат до големи несреќи.
-Овој голем празник којшто го чествуваме, на преминот од старата во новата година, како да е природно така поставен во времето за да нè поттикне, од една страна, да се осврнеме наназад и да созерцаваме за изминатата година, да согледаме што е тоа што сме го направиле добро, доколку го има, а од друга страна, да се устремиме кон иднината и да видиме во што треба да се поправиме и што сакаме да направиме уште подобро. Она што го извлекуваме како поука и што си го задаваме себеси како задача е тоа да ги поправиме нашите пропусти, да ги победиме нашите слабости. Потребно е да сфатиме дека секоја наша постапка носи последици. И мали пропусти можат да доведат до големи несреќи, како што и малите добрини и правилните постапки доведуваат до бројни големи и добри дела, порача г.г. Стефан






