Бранко е „историја!“- удрете по историјата!?

Кога, по некоја игра на случајот, би се нашол во ПР. тимот на Мицкоски што, инаку, е исклучено, само едно би му советувал: да си седи мирно, да не излегува надвор од белата палата – ниту реално, ниту виртуелно. Се што му треба, ќе му сработаат од СДСМ. Ако излегува ќе ја оплеска, ќе го запусти и сработеното!

Тој не може да му зададе удар на Заев, колку што овој, самиот, може да си даде авто голови. Ако се тие малку, тука се Бранко, Илинка и останатите ведети.

Тука е и Бучковски, само што Заев нема доволно радари – политички и интелектуални, за да му каже: “аман, бате, не брани ме!”.

Радмила и така е мачка со седум животи!

Да почнеме со ред:

Не ви треба многу акал, па ниту време, за да прочитате што сака да каже другарот Заев? Доволно му говорат очите, говорот на телото…Кога е во тесно во боксерскиот ринг, игра со спуштен гард. Кога малку ќе подземе душа, се отвора, му се враќаат насмевката, гестикулациите, емоциите…

Неконзистентноста е неговата основна политичка вредност. Емоциите, исто така.Токму она што не треба да го има кај еден политичар.Тогаш, како опстојува?

Многу едноставно: со помош на должниците. Во една корпорација, или секта – сеедно, најбитни се должничко – доверителните односи. Погледнете го тоа на примерот на Илинка Митрева и Владо Бучкоски, “дрим – тимот” во СДСМ и Владата, по абдикацијата на Папата. Сега, во престројувањето, аман – заман, на две страни!!!

Илинка Митрева, уште во 2006 година, се огласи од Крушево, со хорската попевка на “дрим-тимот”: споделена историја со Бугарите! Ете, не случајно, таа се вика Илинка (сакаше да каже Илинденка!). Уште тогаш, мојата маленкост и возврати: ОК, штом тебе те крстиле Илинка, ќе го славиме Илинден – заедно. Но, што правиме, ако беше крстена – Петкана!? И Петковден, ли, тогаш ќе влезе во споделената историја, категорија, што сега другарот Заев ја подигнува на повисоко рамниште: ама каква споделена, истоветна!?

Тоа е таа политичка неконзистентност, кај Заев и Митрева….

Одиме на Бучковски. Тој е доследен, политички конзистентен – до коска. Тој е човек на НКВ-едето. Од каде и дува ветрот, тој таму ќе го насочи отворот на буџеларот. Тој добива и на чифт и на тек! Просто човек да не верува дека е од демирхисарско. Вистински галичанец, да ме извини Пендаровски. Знаете ли зошто џубето (горната надворешна облека) кај галичание, има отвор над главата. Нешто како ветроказ!

Кој не знаеше дека Бучко прв ќа истрча да го брани Бате. Само што овој не знае дека треба да му се заблагодари. Бидејќи добро паметам, Заев во политичар беше произведен 2005 година, од Бучковски. Отприлика, истата година кога, јас самиот, бев уништен. Бучко знае како и знае како му опростив. Само јас едно не знаев: на еден криминалец во подем, доверба да го води Охрид, може да му даде само некој кој веќе е дебело навлезен во тие води!?

Од тука наваму се знаете: и за тенковските делови и за шесте милиони евра од Телекомот. Како јас дознав? И самиот не знам, најверојатно Господ ме поставува на вистинското место, во вистинскиот миг. Дел од тој колач, ми беше понуден и мене, преку “стројникот” од Охрид, кој беше задолжен за трансферот на парите. Се разбира дека тој непристоен предлог го одбив од прва. Ете затоа драгиот Бучко, прв истрча на теренот.

За Рада веќе кажав. Интересн лик е другарот Тито. Учителот на Рада, по предметот што се вика “седум животи во политиката!”.

Сега Тито е скриен во глувчешка дупка, а само пред една седмица, од таму се јави:

-„Захариева не го сакала Тито, се разбира Јосип Броз. Хитлер и Мусолини, на самиот почеток на Втората светска војна ја окупираа Македонија и ја поклонија на тогашна царска Бугарија. И само што бугарската власт организира систем на владеење во окупираноте територии, со жандармерија, учители, попови и целосна администрација потребна за денационализација на населението, проектот им пропадна. Дојдоа партизаните на чело со Тито и ги избркаа Бугарите и Германците од Македонија. И после се чудите зошто Захариева не го сака Тито“!?

Ама, воопшто не се чудиме. Се ни е познато кога е Тито во прашање.

На крајот нешто за Стево. За неговото, со право, поставено прашање: како е воопшто сето ова можно!? Е,па, можно е Претседателе.

На 3.октомври, почитуван Претседателе, Вие дојдовте во моето Црвена Вода, да говорите на прославата на Денот на издавањето на Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година. Го минавте и мојот роден куќен праг.За мене тоа беше настан, симболика, метафора…Преку истиот поминувале Петре Пирузе – Мајски, партизанскиот генерал Михајло Апостолоски – Дончо, Ѓорѓи – Свештарот…

Како кажуваше дедо ми, окупаторите го викале Ѓоршо. Во селото имаше друг Ѓорѓи, всушност Ѓорѓија, штотуку оженет за Зорка. Окупаторот го заменил со Свештарот! Не го нашле дома, му ја зеле невестата! Ја однеле во Ботун, во станицата.

Мајски, го испратил дедо ми Ангеле, како постар и првенец во селото, да моли да ја пуштат.Му ја пуштиле, ама преспала, две – три ноќи таму. Ја донел в село, преспала една ноќ и починала, кутрата. Умрела од срам!

Вие претседате Пендароски, во официјалниот говор, со право забележавте:”Зарем е можно, после толку години слобода и 30 години независна, самостојна, Македонија, токму јас да сум првиот претседател што дошол овде”!?

Е па, можно е претседателе!!!

Веле Митаноски

Back to top button
Close