Бразил условува: Без одобрување од ЕУ – нема договор за слободна трговија

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва се закани дека неговата земја ќе се повлече од планираниот договор за слободна трговија со Европската Унија доколку европските лидери не го одобрат договорот оваа недела.
Преговорите за трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур, во кој членуваат Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај, траат од 1999 година, а Брисел се надева дека лидерите на ЕУ ќе дадат конечна согласност на маргините на самитот што ќе се одржи подоцна оваа недела.
Сепак, дел од земјите членки и натаму се против, меѓу кои и Франција, која инсистира на дополнителни подобрувања на договорот.
Лула изјави дека доколку лидерите на ЕУ не го финализираат договорот пред неговото официјално потпишување, закажано за сабота во Бразил, земјата повеќе нема да го поддржува.
– Веќе ги предупредив: ако не го направиме тоа сега, Бразил нема да склучува нови договори додека јас сум претседател, изјави Лула.






