„Брчки“ – популарната графичка новела на  Пако Рока во издание на Три

„Брчки“ е насловот на новата графичка новела во издание на ТРИ, што го сврте вниманието на книжевниот свет. Пако Рока е познат и наградуван шпански автор кој преку љубовта, хуморот и хуманоста ја прикажува реалната и трогателна слика на последното поглавје од животот.

Станува збор за вистински ролеркостер од емоции преку гледање во обоените лица, простории и емоции и преку читање на нивните дијалози.

Во превод од шпански јазик на Наташа Сарџоска, читателите ќе го запознаат Ернест, главниот лик кој боледува од Алцхајмерова болест и кој доаѓа во дом за стари лица. Тоа е застрашувачко искуство за човек кој животот во заедница го доживува како голем предизвик. Но, за среќа, ги прифаќа предизвикот и својата нова средина и решава да се бори против изолираноста и заборавноста.

Самиот автор при создавањето на оваа приказна поминал долго време во посета на домови за стари лица за да проникне во начинот на нивниот живот. Книгата има и филмска адаптација во режија на Игнацио Ферерас, што на нашиот фестивал „Синедејс“ во кино „Миленум“ се здоби со наградата „Златна ѕвезда“.

Книгата е наменета за возрасна публика поради емотивните теми со кои се зафаќа. Со овој наслов, ТРИ ја започна новата едиција „Нашите приказни“, којашто е поддржана од Европската Унија и е во дослух со европските автори што донесоа свеж бран во литературата.

Back to top button
Close