Брејди (англ. Brady) против Ивана Трајчева и Вилма Русковска
Во своето полноќно беседење, суспендираната обвинителка Вилма Русковска ја повика Амбасадата на САД и Канцеларијата на Европската Комисија „да обрнат посебно внимание на предметот со Рашковски“, за да после неколку недели кога е повикана од моја страна како сведок, направи неколку чекори наназад изјавувајќи дека „Не можам да местам нешто што не сум го работела. Колешката Ивана Трајчева ја водеше истрагата. Јас учествував само во пред-истрагата“, посочува Русковска за „А1он“.
Дали откако „не ѝ упали“ овој очаен обид, сега се дистанцира од сè она кое е направено во овој предмет и ја префрла целата вина врз осомничената обвинителка Ивана Трајчева?
За прв пат се сложувам со ВР. И не само што се сложувам, туку и ќе ми биде особено драго доколку сите претставници на странски институции во државата со кои делиме исти вредности го следат овој случај чијшто императив не е само докажување на злонамерно постапување на обвинителите и невиност на обвинетите, туку поголем е императивот на прогрес на правосудството.
Ако случајот со Финансиската полиција и ОЈО ГОКК беше основа за покренување на кривична постапка против двете обвинителки, тогаш со поднесување на кривичната пријава идната недела и претставките до Советот на јавни обвинители, јавноста ќе види колку поголемо самоволие имало од страна на овие обвинителки пред година и пол.
Криење на докази, фалсификување докази, ставање на терет на кривични дела за кои се знае дека не се случиле се само мал дел од она за кое ќе бидат поднесени кривични пријави и јавноста ќе биде известена.
Сакавте својата неефикасност и непрофесионалност или селективност во борбата против криминалот и корупцијата да ја покриете со овој случај, па дури пред да заспиете на полноќ пишувавте до амбасади да го следат внимателно случајот.
Ајде да се согласиме и секое судење да оди јавно како што тоа се прави во напредните правни системи?
Кога повикувате некој да следи случај, треба да знаете дека уште пред 60 години во САД е воспоставено Правилото на Брејди (англ. Brady) со кое обвинителите се обврзани да достават го до судот и до обвинетиот сè она со кое располагаат, независно во чија полза е.
Дали обвинителките се запознаени со случајот Брејди против Мериленд (Brady v. Maryland, 373 U.S. 83, 83 S.Ct. 1194, 10 L.Ed.2d 215 (1963))?
Брејди бил обвинет за убиство и му се судело одвоено од лицето обвинето заедно со него. На судењето на Брејди, тој го признал учеството во злосторството, но тврдел дека со-обвинетиот го извршил самото убиство. Пред судењето, бранителот на Брејди побарал пристап до изјавите дадени од со-обвинетиот. Му биле покажани некои изјави, но обвинителството не ја дало изјавата каде што со-обвинетиот го признал убиството. По директната жалба на Брејди, тој добил пристап до оваа ослободителна изјава и ја оспорил пресудата со која бил осуден, тврдејќи дека има повреда на правичната постапка врз основа на тоа дека обвинителот ги скрил овие докази кои биле во негова корист.
Во случајот на Брејди, Врховниот суд на САД го изјавил следново: „Сега сметаме дека прикривањето на докази поволни за обвинетиот од страна на обвинителството го нарушува очекуваниот процес за докажување на обвинението или за изрекување на казна, без оглед на добрата или лошата волја на обвинителството“.
Во време на дигитална ера, правилото на Брејди добива друга димензија и се надоградува со Стандардот според Скилинг (англ. Skilling).
Случајот Соединетите Американски Држави против Скилинг (United States v. Skilling) е пример за главниот стандард што се користи за оценување на обврската на обвинителството за обелоденување во случај кога на одбраната ѝ обезбедува досие за електронски увид со голем обем. Стандардот според Скилинг наложува обвинителството да му обезбеди на обвинетиот доволен пристап до увид во електронски складирани информации, но обвинителството не мора самото да го бара ослободителен материјал. Сепак, обезбедувањето пристап на одбраната до досието е основната линија; постоењето на прекршување на правилото на Брејди ги поттикнува дејствијата на државата, дополнително на обезбедувањето отворено досие со докази за обвинетиот. За да се заштити кривичното гонење од прекршување на правилото на Брејди, таквите дополнителни чекори мора да бидат показател за добра волја. На пример, индексирањето на документите, обезбедувањето на датотеките во формат што може да се пребарува и специфицирањето на клучните документи или познати ослободителни докази во досието се сметаат за доволен показател за добра волја. Прекршување на правилото на Брејди може да се најде во случаи на лоша волја, како, на пример, ако обвинителството намерно ја „наполнило“ датотеката со излишни информации или ако создало „обемна датотека до која е исклучително тешко да се пристапи“.
Кога ја повикувате Европската Унија да го следи случајот, треба да знаете дека во правото на Европската Унија вашето самоволие нема место. Нема место за тоа ВИЕ ДА ОДЛУЧУВАТЕ што е доказ а што не е. Нема место да одлучувате како ќе креирате приказна пред јавноста за да го билдате сопствениот рејтинг.
Вие Русковска и Трајчева сте обврзани да ја следите Директивата 2012/13/EУ на Европскиот Парламент и Советот (DIRECTIVE 2012/13/EU OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL) за правото до информации во кривичната постапка, донесена на 22. мај 2012 година и одредбите од истата, кои се во насока на остварување на правата од Европската конвенција за човекови права, членовите 5 и 6Според неа. Вие сте обврзани …
27) На лицата обвинети за сторено кривично дело треба да им се дадат сите информации за обвинението потребни за да им се овозможи да ја подготват својата одбрана и да ја заштитат правичноста на постапката.
(28) Информациите доставени до осомничените или обвинетите лица за кривичното дело за кое се осомничени или обвинети дека го сториле треба да им се дадат веднаш, а најдоцна пред нивниот прв официјален разговор со полицијата или друг надлежен орган, и без да се нарушува одвивањето на тековните истраги. Описот на фактите, вклучително, каде што е познато, времето и местото, кои се однесуваат на кривичното дело за кое лицата се осомничени или обвинети дека го извршиле и можната правна класификација на наводното дело треба да се претстават доволно детално, земајќи ја предвид фазата на кривичната постапка кога е даден таков опис, за да се заштити правичноста на постапката и да се овозможи ефективно остварување на правата на одбраната.
(31) За целите на оваа директива, пристапот до материјалните докази, како што е дефинирано во националното законодавство, без разлика дали се за или против осомниченото или обвинетото лице, кои се во сопственост на надлежните органи во однос на конкретниот кривичен случај, треба да вклучува пристап до материјали како што се документи и, каде што е соодветно, фотографии и аудио и видео снимки. Таквите материјали може да бидат содржани во списите на случајот или на друг начин да се чуваат кај надлежните органи на кој било соодветен начин во согласност со националното законодавство.
Видете го случајот Schöps v. Germany, No. 25116/94 каде од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбург ЕДНОГЛАСНО е констатирано прекршување на член 5 став 4 од Европската конвенција за човекови права затоа што на обвинетите не им било даден целосен пристап до доказниот материјал кој обвинителството го поседувало пред да им биде определена мерката притвор.
Русковска и Трајчева, дали ваквиот начин на работа Ви е познат од некаде?
И нашиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка ова го санкционираат. Во член 366-а од КЗ се вели:
(1) Тој што во постапка пред суд или во управна постапка ќе поднесе докази за кои знае дека се лажни, ќе се казни со затвор од една до три години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе отстрани или уништи докази што се од значење за постапката пред суд или управната постапка.
Законот за кривична постапка е уште појасен и тој го обврзува јавниот обвинител да ги достави сите прибрани докази и тоа оние кои се во поткрепа на обвинението, но и оние кои се во полза на обвинетиот.
Јавно ве прашувам Русковска и Трајчева, ако ова не го почитувате и не сте запознаени, се поставува прашањето – во кој правен систем го вбројувате нашиот правен систем?
27.11.2022
проф д-р Драги Рашковски