Брегу: Со договорот за движење со лични карти се руши последниот „визен ѕид“ во регионот

Спогодбата за движење само со лични карти и уште два договора постигнати меѓу шефовите на дипломатиите на Западен Балкан, постигнати во Берлин, е рушење на последниот „визен ѕид“ во регионот.

Ова денеска во Берлин го изјави Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу.

„Движењето со лична карта на Западен Балкан е главниот денешен договор. Ни требаа речиси две години интензивни преговори за да дојдеме до усогласена верзија на документот. Со оваа спогодба се руши последниот визен ѕид во регионот“, изјави Брегу, додавајќи дека во суштина, тој договор е перјаницата на Западен Балкан како иден единствен пазар.

Министрите за надворешни работи на Западен Балкан освен ова, на денешниот состанок ги одобрија и спогодбите за признавање на високошколските квалификации и признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, дентална медицина и на архитектите.

Трите договори треба да бидат потпишани на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Берлинскиот процес што треба да се одржи на 3-ти ноември во Берлин.

 

 

Back to top button
Close