БРИКС го осуди негирањето на климатската криза и донесувањето закони против уништувањето на шумите
Лидерите на земјите во развој, членки на БРИКС, денеска разговараа за заедничките предизвици на глобалното затоплување, за време на кои тие презентираа барање богатите земји да го финансираат ублажувањето на емисиите на стакленички гасови во посиромашните земји, а исто така беа осудени и воведувањето данок на јаглерод и донесувањето закони против уништувањето на шумите, објавија британските медиуми.
Во своите воведни зборови, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, кој ќе биде домаќин на самитот за климата на Обединетите нации во ноември, исто така го осуди негирањето на климатската криза, индиректно критикувајќи ја одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја повлече својата земја од Парискиот договор од 2015 година.
„Денеска, негирањето и унилатерализмот ги еродираат минатите достигнувања и ѝ штетат на нашата иднина. Глобалниот Југ е во позиција да води нова парадигма на развој без да ги повтори грешките од минатото“, рече Да Силва.
Тој повика на глобално поместување од фосилните горива, главните двигатели на климатските промени.
Трамп вчера ги оспори прикриените критики од групата БРИКС, обвинувајќи го блокот за „антиамериканска политика“ и заканувајќи им се на своите земји-членки со дополнителни тарифи од 10 проценти, што членовите на блокот денеска го отфрлија во посебни изјави, во кои негираа дека имаат антиамерикански ставови.
Во заедничка изјава, лидерите на БРИКС нагласија дека обезбедувањето финансирање за борбата за ублажување на последиците од климатските промени е „одговорност на развиените земји кон земјите во развој“.
Во декларацијата, исто така, се споменува поддршката на БРИКС за фондот „Тропски шуми засекогаш“, предложен од Бразил, како начин економиите во развој да го финансираат ублажувањето на климатските промени надвор од задолжителните барања наметнати на богатите земји со Парискиот договор.
Во заедничката изјава на лидерите на БРИКС, исто така, се осудуваат политиките за даноците на јаглерод и законите против уништувањето на шумите, кои Европа неодамна ги усвои, за наметнување на она што го нарекоа „дискриминаторски протекционистички мерки“ под изговор на еколошки проблеми