БРИМА: Расте стравот кај населението од можноста за зараза со коронавирусот

Кај населението во земјава се бележи зголемен страв од можноста за зараза со коронавирусот. Се намалува скептицизмот на луѓето за опасноста и заканите од вирусот, а влошената ситуација со епидемијата ја намалила поддршката на граѓаните за власта во однос на справувањето со неа, покажале податоците од истражувањето Gallup International Association спроведено во 19 земји низ целиот свет, меѓу кои и земјава.

Во периодот кога беше спроведено истражувањето во Македонија, како што се вели во соопштението, бројот на заразени со КОВИД 19 вирусот во земјата се искачи на трицифрен број и го достигна максимумот од почетокот на кризата, додека мерките и рестрикциите полека се олабавуваа.

-Ваквата констелација најверојатно е и причината за зголемениот страв меѓу населението од можноста за зараза со вирусот, дали лично или некој од нивното блиско семејство (бран 1 – 63 проценти: бран 3 – 77 проценти). Наглиот пораст на епидемиската крива се одразува и врз поддршката на народот околу справувањето на властите со коронавирусот, кој бележи стрмоглав пад од 65 отсто во март на 48 отсто во јуни, силно поларизирајќи ја јавноста околу способноста на властите да ракуваат со кризата, па така повеќе од половина од испитаниците 57 отсто сметаат дека пандемијата сеуште не е под контрола, соопшти БРИМА, членка на Gallup International Association .

Влошената ситуација, велат оттаму, за само неколку месеци драстично го намалила бројот на скептиците кои на почетокот на кризата веруваа дека заканата од вирусот е претерана, од 73 отсто во март на 44 отсто во јуни, оставајќи ја јавноста поларизирана околу идејата дека до крајот на годината животот во земјата би се вратил полека во нормала (46 отсто).

-Ваквиот песимистички поглед за иднината е уште повеќе загрижувачки имајќи го во предвид фактот дека дури 53  проценти од испитаниците во јуни изјавиле дека нивниот семеен приход се намалил од почетокот на кризата, потенцираат од БРИМА која го направила истражувањето во земјава.

Потатоците на Gallup International Association дека стравувањата од инфекција со коронавирус остануваат големи и дека луѓето ширум светот се уште во голема мерка се поддржувачи на своите влади, но не на нивоа регистрирани на почетокот на кризата, додека мислењето дали животот ќе се врати во нормала во 2021 година е подеднакво поделено.

– Иако во повеќето земји од истражувањето стравот од инфекција со коронавирус останува голем, на повидок е постепен тренд на намалување. Додека пак Македонија е меѓу поретките каде стравот од инфекција со коронавирус е во пораст, заедно со БиХ и Индија. Вкупно од сите 19 анкетирани држави, 67 отсто стравуваат дека самите или некој во нивните семејство, може да се зарази од КОВИД 19 вирусот, додека 30 отсто изјавиле дека не стравуваат од можноста за инфекција, се вели во соопштението.

Истражувањето на Gallup International била спроведена во 19 земји низ целиот свет. Во секоја земја,
репрезентативен примерок од мажи и жени беше анкетиран во текот на првите две недели од месец
јуни 2020 година, преку телефон (CATI) или онлајн. Маргината на грешка за истражувањето е меѓу ± 3
и 5 проценти на ниво на доверба од 95 проценти.

Gallup International Association (GIA) е глобална независна водечка асоцијација за истражување на
пазарот и јавното мислење.  БРИМА е основана 1992 година како прва независна истражувачка агенција во Република Македонија, joint-venture (партнерски односи) со Gallup International. Во 2002 година, на годишната конференција на Gallup International во Јоханесбург, Јужна Африка, БРИМА беше примена како
нејзин македонски член.

Back to top button
Close