„Брисел ја препозна Македонија како лидер во реформите, СДС да не го кочи напредокот на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение соопшти дека Европската комисија повторно ја препознала Македонија како една од земјите што предничат во спроведувањето на реформите од Реформската агенда, заедно со Албанија и Црна Гора.

Од партијата велат дека оценката на Европската комисија е потврда дека државата се движи во правилна насока и дека напредокот е препознаен од институцијата која го оценува квалитетот и спроведувањето на реформите.

Според ВМРО-ДПМНЕ, дополнителна потврда за успешноста на реформите е и предлогот на Европската комисија за реалокација на средства од Планот за раст, со што поголема финансиска поддршка би добиле земјите што покажале најдобри резултати.

„Тоа е признание за сработеното, но и можност Македонија да обезбеди дополнителни средства за развој“, наведуваат од партијата.

Во соопштението се оценува дека е неразбирливо што, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, СДС и Левица продолжуваат да ги блокираат законите што произлегуваат од Реформската агенда.

„Со секоја опструкција на СДС и Левица не се попречува Владата, туку се попречува исполнувањето на обврските на државата и се ризикуваат можностите што ги отвора Планот за раст“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа СДС и Левица да ги остават дневнополитичките интереси настрана и да ги поддржат законите што се дел од Реформската агенда, вклучително и Изборниот законик, оценувајќи дека тие се во интерес на граѓаните и на европската иднина на државата, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close