Брисел и вето лицемерие

Емануел Макрон го обележа крајот на француското претседателство со ЕУ така што (ненамерно) му се испушти неколку пати да се обрати до „Северномакедонците“. Власта во Скопје потоа се изрази пофално и нагласи дека македонскиот јазик е чист во ревидираниот француски предлог. Се разбира, би бил „извалкан“ доколку би бил наведен како „северномакедонски“. Иако тоа веројатно не е случај на највисоко ниво во Брисел, на разни други нивоа во Европа „по грешка“ неретко се нарекува токму така – северномакедонски јазик.

Претседaтелката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен не си дозволи да западне во стапица на ненамерен лапсус поради невнимателно изразување, и изрази „почит“ кон македонскиот јазик, истакнувајќи во македонското Собрание дека ја слушнала „загриженоста за јазикот и идентитетот“.

Загриженоста на Брисел потворно се искажува на највисоко ниво. „Северна Македонија се казнува со останување надвор од преговарачкиот процес“, потенцираше Дер Лејен, алудирајќи веројатно на бугарското вето со кои беше закочена македонската подготвеност за отпочнување на пристапните преговори.

Францускиот претседател Макрон, откако им честиташе на власта и опозицијата во Софија дека се здружиле во гласањето за францускиот предлог, не пропушти да подвлече дека „една земја членка (Бугарија) со задоцнување побара промени“ и затоа „ЕУ не може да се преправа дека тие барања не постојат“. Но она што и понатаму останува сосема јасно е дека моќните ЕУ-лидери, кои очигледно не пропуштаат да ги заштитат интересите на ЕУ-членките, лесно пропуштаат, без ниту еден збор на осуда и критика, да проговорат за блокирање на евроинтеграциите со злоупотребите на вето од страна на земји-членки, со што веќе подолго време се поткопува суштината на Критериумите од Копенхаген.

 

Такви зборови на осуда, или барем малку дистанцирање од агресивните притисоци и уцени кон кои се прибегнува во ЕУ со цел да се изврши историско перење на валканиот бугарски веш и задоволување на ревизионистичките апетити, како услов за подотворање на портите на ЕУ, не се слушнаа ни од Макрон, ни од Дер Лејен. Без оглед што и на двајцата, а и на многумина други европски моќници, им е добро познато дека искуствата од претходните кругови на ЕУ-проширувањето, сведочат за поинаков пристап на Брисел кон решавање на историските спорови и заштита на идентитетски и малцински права. Тоа што сега на Бугарија ù се дозволува да мавта со вето поради својата заслепеност дека некој ù ја украл „славната“ историја, и, меѓу другото, неправедно ги нарекува тврди дека била фашистички окупатор и земја-соработник во проектот на Холокаустот на Евреите, доволно зборува не само за лицемерието на Софија, туку пред сé на Брисел.

 

Примарната цел на ЕУ уште од нејзиното основање беше обединување на Европа по демократски пат. Унапредувањето на добрососедските односи и регионалната стабилност имаа посебно место во тие напори, бидејќи несогласувањата околу прашањата поврзани со историјата, културата, малцинствата и етницитетот се наметнаа како голем предизвик на патот кон евроинтеграциите.

Во текот на преговорите за членство на Унгарија и Романија значајно место добија спротивставените ставови и мислења околу статусот на романскиот регион Трансилванија во кој околу 20 отсто од населението се Унгарци. Тоа е еден од најмултиетничките и најконтроверзни региони во Европа, растргнуван во последните 200 години меѓу унгарската и романската нација. И двете земји ја сметаат Трансилванија за срце на нацијата, а како последица на тоа и националните истиориграфии биле силно тенденциозни и политички мотивирани.

 

Сепак, со силни заложби од страна на ЕУ во текот на преговорите за членство се бараше и од Унгарија и од Романија смирување на политичките тензии и острата реторика, како и гарантирање на правата на малцинствата. Будимпешта по падот на комунизмот, заедно со соседните земји, а подоцна и со ЕУ, вложи голем труд да ја деактивира бомбата, како што во тој период било сфаќано унгарското малцинско прашање, поради кое во 1988 година се закануваше и воен конфликт меѓу Унгарија и Романија. Цената по Првата светска војна и Версајскиот мировен договор била превисока. Поделбата на Унгарија сè уште претставува длабока траума меѓу Унгарците. Големи делови од населението останале во соседните земји, а во Романија денес живеат околу два милиона Унгарци, речиси сите во Трансилванија.

Поинаков пристап и понеутрални гледишта фрлаат делумно нова светлина врз оваа комплексна историска проблематика. Европската комисија тогаш го ангажираше Универзитетот во Стокхолм да се фокусира врз врските што ги доближуваат и проткајуваат историите на двете земји, наместо да ги проучува двете национални историографии кои се поставени во директен меѓусебен конфликт. Тие транс-граничните историски истражувања беа презентирани во студија под наслов „Унгарија и Романија вон националните наративи – споредби и испреплетеност.“ Станува збор, всушност, за обид да се оспорат и погледнат од поинаков агол темелните столбови на националните историографии, при што беше изразена надеж дека ваков вид истражувања би можеле да претставуваа извор на инспирација за слични проекти, на пример на подрачјето на Балканот. Но, таа епизода, за жал, сега очигледно е подзаборавена во Брисел.

Пристапот за кој сега се определи Бугарија, настојувајќи со своите уцени и политички притисоци за „корекција“ на идентитските прашања и прифаќање на „заедничка историја“ да ја стави Македонија пред свршен чин, ни најмалку не се во духот на европските потврдени вредности за решавање на меѓусоседските спорови со умерена и конструктивна политика.

Веќе стана сосема јасно дека националистичката идентитеска политика претставува сериозна кочница пред натамошниот развој на ЕУ, бидејќи е во спротивност со индивидуалните права, демократијата и наддржавните решенија, што функционираат преку националните граници. Тоа на Емануел Макрон, имајќи ги предвид неговите силни заложби за јакнење на федералистичките стремежи во Европа, би требало да му е мошне добро познато.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close