Британија го прекинува секојдневното објавување податоци за смртни случаи од Ковид-19

Властите во Велика Британија соопштија денеска дека привремено ќе го прекинат дневното објавување на најновите податоци за смртни случаи од Ковид-19 во таа земја.

Британската Влада побара ревизија на методологијата за пресметување на бројот на починати, бидејќи експертите предупредија дека, поради начинот на кој досега се евидентираа смртните случаи во Англија, сликата на овој статистички параметар може да биде искривена во споредба со другите делови на Велика Британија.

Владата го објасни привременото прекинување на дневното објавување податоци за смртноста преку соопштение во кое посочува дека според сегашната методологија се вбројуваат сите лица кои починале по добивањето позитивен резултат од тестот за коронавирус, а притоа да не се зема предвид временскиот период што поминува од тестирањето до времето на смртта.

Во соопштението се наведува дека секојдневното објавување податоци за починатите од Ковид-19 ќе продолжи кога ќе се реши овој проблем.

Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок вчера побара  итно да се истражи методот за утврдување на бројот на починати како последица на Ковид-19.

Тој ја донесе таа одлука откако беше утврдено дека сегашниот метод што го користи британскиот здравствен систем подразбира дека лице кое се заразило со Ковид-19, а починало од други причини, се води како да починало од вирусот, пренесува Скај њуз.

Хенкок побара да се истражи методот, со оглед на тоа што во Велика Британија се регистрирани 45.111 смртни случаи од коронавирус, со цел решавање на проблемот и утврдување на влијанието на вирусот врз смртноста.

Back to top button
Close