Британска амбасада: Соработуваме со С Македонија во борбата против нерегуларната миграција
Амбасадата не ги споменува објавите на медиумите и не дава конкретни коментари на нивните детални наоди за тоа каков договор се подготвува меѓу британската и македонската влада за префрлање мигранти
По пишувањата на дел британски медиуми дека владите на Велика Британија и на Македонија преговараат за префрлање одбиени баратели на азил од првата во втората земја, вечерва се огласи британската амбасада во Скопје преку својот официјален профил на Икс, велејќи дека двете држави соработуваат во борбата против, како што пишува, нерегуларната миграција.
Во твитот, амбасадата не ги споменува објавите на медиумите и не дава конкретни коментари на нивните детални наоди за тоа каков договор се подготвува меѓу британската и македонската влада за префрлање мигранти. Само се вели дека „по клучниот состанок меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај“, Британија и Македонија воспоставиле „стратешко партнерство што се фокусира на градење долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка со цел да се продлабочи соработката и да се засили стабилноста и просперитетот на двете земји“.
Како дел од партнерството, додава амбасадата, се потпиша и договор влада со влада за спроведување проекти од критичната инфраструктура во Македонија. Соработката, пишуваат оттаму, била потврдена од двајцата премиери и на состанокот на Берлинскиот процес во октомври, на кој Велика Британија беше домаќин.
„Дополнително, двете држави соработуваат преку Заедничката единица за миграција, во борбата против нерегуларната миграција и организираниот миграциски криминал, засилувајќи ја безбедноста и преземајќи мерки против криминалните мрежи“,велат од британската амбасада.
На крајот се додава дека Велика Британија „силно стои заедно со својот македонски сојузник од НАТО“ во унапредувањето на просперитетот, безбедноста и на економскиот раст.
\






