Британската полиција истражува луѓе поврзани со починатиот египетски милијардер Ал-Фаед – се сомничат за помагање во силување
Британската полиција соопшти дека започнала истрага за тоа дали луѓе поврзани со починатиот египетски милијардер Мохамед Ал-Фаед помагале во наводното силување и сексуална злоупотреба на женски персонал во неговата стоковна куќа „Хародс“ во Лондон.
Документарен филм на Би-Би-Си во септември објави дека Ал-Фајед, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, сексуално напаѓал жени вработени, ги принудувал на лекарски прегледи и им се заканувал со последици доколку се обидат да се спротивстават.
Ал-Фајед секогаш ги негираше сличните обвинувања.
„Оваа истрага има за цел да им даде глас на преживеаните, и покрај фактот што Мохамед Ал-Фаед повеќе не е жив за да се соочи со гонење. Сепак, сега ги истражуваме сите лица за кои постои сомневање дека учествувале во неговите злосторства и се посветени на барање правда“, рече командантот Стивен Клејман од лондонската полиција во соопштение.
Тој не кажа колку лица се под истрага.
Адвокатите кои ги застапуваат жртвите рекоа дека злоупотребата не се случила само во Хародс, туку и на други локации поврзани со деловната империја на Ал-Фајед, како фудбалскиот клуб Фулам, хотелот Риц Париз и неговиот имот во Сари, истакнувајќи дека повеќе од 400 луѓе им се јавиле.
Според документарецот на Би-Би-Си, Хародс не интервенирал, туку помогнал да се прикријат наводите за злоупотреба додека Ал-Фаед бил сопственик.
Раководството на луксузната лондонска стоковна куќа „Хародс“ се извини, велејќи дека се „згрозени“ од обвинувањата. Тие отворија постапка за сите сегашни или поранешни вработени во „Хародс“ кои сакаат да бараат отштета, иако тоа беше критикувано од адвокатите на жртвите.
Полицијата соопшти дека во изминатите два месеца се појавиле 90 жртви и дека ќе ги разгледаат сите извештаи поднесени против Ал-Фаед.
Ал-Фаед изгради деловна империја на Блискиот Исток пред да се пресели во Велика Британија во 1970-тите. Неговиот најстар син Доди загина заедно со принцезата Дијана во сообраќајна несреќа, чии околности Ал-Фаед ги истражуваше со години.