Британската полиција уапси осум мажи осомничени за терористички активности

Британската служба за борба против тероризмот уапси вкупно осум мажи, вклучувајќи седум ирански државјани, во одделни рации, соопшти лондонската полиција.

Би-Би-Си објави дека осумте мажи биле уапсени во две одделни полициски истраги за борба против тероризмот и дека, според соопштението од полицијата, петмина од нив биле уапсени на различни локации во Англија како дел од „претходно планирана“ истрага за заговор за „напад на одредени простории“.

Петмина мажи се уапсени, од кои четворица се ирански државјани, додека националноста на петтиот не е откриена, и се приведени под сомнение за подготовка на терористички акти и планирање напад врз одреден објект, пренесуваат агенциите.

Во посебна операција истиот ден, тројца ирански државјани се уапсени во Лондон како дел од втора истрага за борба против тероризмот, соопшти лондонската полиција.

Тројцата уапсени мажи, на возраст меѓу 39 и 55 години, остануваат во притвор додека се вршат претреси на три пријавени адреси.

Полицијата соопшти дека истрагата не е поврзана со претходните апсења на петмина мажи, но не откри детали за наводниот терористички заговор, наведувајќи оперативни причини.

„Апсењата се извршени во Лондон, Свиндон и поширокото подрачје на Манчестер и се поврзани со сомневања за можно планирање напад врз одреден објект. Мажите, на возраст меѓу 29 и 46 години, се уапсени под сомнение за подготовка на терористички чин и ќе бидат задржани во притвор“, се вели во соопштението на лондонската полиција, пренесува весникот „Гардијан“, додавајќи дека националноста на еден од уапсените сè уште се утврдува.

Back to top button
Close