Британската влада најавува воведување привремен статус за бегалците и побрзи депортации

Велика Британија денеска соопшти дека во иднина статусот -бегалец ќе биде привремен и дека ќе се забрза депортирањето на луѓето кои нелегално влегуваат во земјата, додавајќи дека одредбата за забрана на тортура, за која се тврди дека се користи „премногу широко“ при оспорување на депортациите, исто така, ќе биде ревидирана.
Британската министерка за внатрешни работи Шабана Махмуд презентираше промени во толкувањето на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) пред британските судови, така што владата ќе добие поголема контрола врз тоа кој може да остане во земјата, јавија британските медиуми.
Министерката Махмуд рече дека Велика Британија отсекогаш била толерантна и приемчива земја за бегалците и призна дека предлозите би можеле да предизвикаат негодување од делови од Лабуристичката партија, со критики дека е погрешно да се депортираат луѓе на кои им е доделен статус на бегалец.
Таа додаде дека злоупотребите на системот им овозможуваат на „темните сили“ да поттикнат незадоволство, вклучително и протести пред хотелите каде што се сместени мигрантите.
„Доколку не дејствуваме, ризикуваме да ја изгубиме јавната поддршка за постоењето на системот за азил“, напиша таа во статија за „Гардијан“.
Предлозите вклучуваат промени во толкувањето на член 8 од ЕКЧП за правото на семеен живот, во кој би се навело дека семејните врски се однесуваат само на најблиското семејство, како што се родителите или децата, со цел да се спречи користењето на „спорни врски“ за останување во земјата.
Британската влада, заедно со сродните земји, ќе разгледа и примена на член 3, кој забранува тортура, тврдејќи дека дефиницијата за „нечовечки и понижувачки третман“ станала премногу широка, што го олеснува оспорувањето на депортациите.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека сегашниот систем за азил е „значаен фактор на привлекување“ на барателите на азил, дека е полиберален од другите европски земји и дека не е прилагоден на големиот број луѓе во движење низ целиот свет.
Според најавените мерки, опишани од лабуристичката Влада како најобемна реформа на азилот во модерната историја, времето на чекање за трајно населување ќе се зголеми четири пати на 20 години.
Владата, исто така, се закани со забрани за визи за Ангола, Намибија и Демократска Република Конго доколку не го прифатат враќањето на нелегалните мигранти и осуденици.
Имиграцијата стана клучно прашање за гласачите во последните месеци, а пристигнувањата на мали чамци од Франција се највидливата форма на нелегално преминување.
Според „Гардијан“, токму ова прашање ја зголеми популарноста на партијата „Реформа на Велика Британија“, предводена од Најџел Фараж.






