Британски научници тврдат дека новиот вид на коронавирусот го има речиси секаде во Европа
Новиот тип на Ковид-19, потврден во Велика Британија, веќе е скоро сигурно присутен во повеќето европски земји, тврдат британски научници.
Ова го потврди Нил Фергусон од „Империјал колеџ“ во Лондон, во неговото обраќање пред Комитетот за наука и технологија на Долниот дом на британскиот Парламент, заедно со други експерти од Советодавната група за нови респираторни вирусни закани (NERVTAG), кој ја советува Владата.
За овој вид, кој веќе е потврден во други земји, како што е Данска, Фергусон рече: „Јас сум речиси сигурен дека овој вирус е присутен во повеќето, ако не и во сите, европски земји во овој момент“.
Професорот Питер Хорби од Универзитетот во Оксфорд рече дека е фер да се каже дека земјите со поразвиена и поригорозна наука се потранспарентни со важни информации што ги ставаат на располагање на другите.
Велика Британија истражуваше 45 отсто од сите генетски кодови на коронавирусот во светот и сè уште не е сигурно дали новиот вид потекнува од југоистокот на Англија или само за првпат бил откриен таму.