Британскиот кредит и инфлацијата: Владата ветила 139 мерки за подобар живот – реализирала 18


Владата ветила 139 мерки за подобар живот на граѓаните, за една година реализирала 18 ветувања или само 13% од нив. Ова го покажа истражувањето на платформата „Компас“ која ја следи реализацијата на ветувањата во пет области, социо-економски, образование, здравство, млади и жени. Истражувањето покажало дека 51 мерка или 37 % се во фаза на реализација. Од ветувањата за жени и демографија не била исполнета ниту една мерка.

Најголем напредок има во секторот образование каде што има 24 проценти од мерките исполнетост. Дополнителни 70 проценти кои што се во насока на исполнување. После тоа следат социо – економските мерки, каде што имаме реализација со 9 проценти слично како и политиките за млади. Во секторот за здравство имаме поумерена динамика на реализацијата, каде што има реализирани три мерки и 5 се во насока на реализација, изјави Благица Петрески „Finanse think“.

Од социо-економските ветувања кои биле 43, исполнети се само 4. И тоа само во во делот на непроменети даночни стапки и зголемувањето на пензиите за 5.000 денари.

Петрески предупредува дека има ризици за остварување на ветувањата особено кај буџетскиот дефицит и јавниот долг. Предупредува дека јавниот долг може да се зголеми до 3 проценти ако не се менаџираат правилно проектите кои ќе се финансираат со Британскиот кредит. Потенцијален ризик е и инфлацијата.

-Проекцијата на Влада е дека ќе имаме стапка на инфлација од 2,5%, додека прв квартал го започнуваме со 4,2%. Затоа јас неколку пати нагласив дека ова е една од мерките која што крие потенцијален ризик за влошување на исполнувањата и Владата треба да обрне внимание, изјави Благица Петрески „Finanse think“.

Наодите од истражувањето на платформата КОМПАС се за првата година од мониторингот на Владините ветувања за периодот 2024–2028 година.

Back to top button
Close