Британскиот министер за Северна Ирска повика на смирување на ситуацијата во Белфаст по лојалистичките немири

Британскиот министер за Северна Ирска, Брендон Луис, денеска апелираше на смирување на ситуацијата по немирите во лојалистичкиот дел на Белфаст.

Луис немирите ги оцени за „целосно неприфатливи“.

Вчеравечер на улицата „Сенди Роув“ во Белфаст се повредени осуммина полицајци откако група, претежно млади лица, врз нив фрлаше шишиња, тули и петарди.

-Насилството никогаш не е решение. Во нашето општество нема место за насилство, рече Луис.

„Ова е непожелно, неоправдано и јас целосно го поддржувам апелот на ПСНИ (полицијата на  Северна Ирска) за смиреност“, рече тој, додавајќи дека неговите мисли биле со осуммината повредени полицајци.

Претходно, четири ноќи по ред имаше немири во Вотерсајд, унионистичкиот дел на Лондондери, вториот по големина град во Северна Ирска.

Лојалистите се лутат поради договорот за Брегзит, меѓу Лондон и Брисел, што создаде бариера меѓу Северна Ирска и Велика Британија.

Тензиите дополнително се разгореа неделава по одлуката да не се покрене судски процес против 24-те политичари од ирскиот националистички Шин Феин, кои присуствуваа на голем погреб и покрај епидемиолошките мерки.

Сите поголеми унионистички партии бараат оставка од началникот на полицијата во Северна Ирска, Сајмон Брн, бидејќи, како што тврдат, ја загубил довербата од нивната заедница.

Back to top button
Close