Британскиот министер за здравство не исклучува бројот на заразени со Ковид-19 да биде 100.000 дневно

Британската влада синоќа ги отфрли се погласните повици за повторно воведување мерки против Ковид-19, како што е носење маска во затворени простории, поради ширење на инфекцијата, одлучувајќи да фаворизира вакцинација и нови лекови.

Вчера имаше речиси 50.000 нови инфекции во Велика Британија, вторпат оваа недела толку голем број, поради што министерот за здравство Саџид Џавид процени дека тој број може да се искачи на 100.000.

Бројот на смртни случаи од почетокот на пандемијата е 139.000, највисок во Европа по Русија.

Здравствените работници повикаа на „итно“ воведување мерки поради високата стапка на зарази, меѓу највисоките во светот, бидејќи стравуваат од преоптоварување на болниците.

Министерот за здравство предупреди дека бројот на новозаразени „може да се искачи на 100.000 дневно“ и призна дека расте притисокот врз болниците, каде секојдневно примаат речиси 1.000 пациенти со Ковид-19.

Сепак, „не планираме да воведеме план Б“, што предвидува можно враќање на маските во затворени простории, поттикнување работа од дома и здравствени сертификати, истакна тој.

Џавид повтори дека вакцинацијата останува „прва линија на одбрана“, истакнувајќи дека владата „се подготвува за сите сценарија“ и „нема да се двоуми да дејствува“ доколку ситуацијата во болниците стане „неподнослива“.

Back to top button
Close