Британскиот заем ќе донесе раст, но треба да се внимава и на фискалните ризици, предупредува „Фајненс тинк“
Договорот за заем со британската влада, со кој на земјава ѝ се ставаат на располагање шест милијарди евра за инфраструктурни и капитални проекти, претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст, но позајмувањето со себе носи и одредени фискални ризици, пишува „Фајненс тинк“ во својата најнова анализа откако денеска во Лондон беше потпишан договорот влада со влада меѓу С Македонија и Обединетото Кралство.
„Алоцирањето јавни средства за стратешки инфраструктурни и капитални проекти претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст. Ваквите инвестиции од една страна, го поттикнуваат растот на БДП преку директно ангажирање на градежниот и сродните сектори, а од друга страна, поставуваат основа за зголемена продуктивност и конкурентност на долг рок. Инвестициите во железничката мрежа, на пример, не се само логистички подобрувања, туку и стратешки чекори за зголемување на регионалната поврзаност, ефикасноста на транспортот на стоки и луѓе, и интеграцијата со трансевропските транспортни коридори. Вложувањата во здравствени капацитети претставуваат суштински одговор на долгогодишните слабости во здравствениот систем, особено во делот на еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита надвор од главниот град“ пишува во анализата на „Фајненс тинк“.
Според анализата, продлабочувањето на економската соработка со Обединетото Кралство ќе има суштинско значење за економскиот развој и интеграција на нашата земја во пошироките глобални економски текови.
Од друга страна, „Фајненс тинк“ го става ваквото позајмување и во контекст на одредени фискални ризици.
Се нотира дека секое задолжување ќе влијае врз зголемување на јавниот долг, барем на краток до среден рок. Ако проектите за кое е предвидено финснирање се проектирани во Фискалната стратегија тогаш, според „Фајненс тинк“, во најдобро сценарио јавниот долг не би пораснал повеќе од неговата проекција во Фискалната стратегија, што не значи дека би се намалувал.
„Сепак, според постојните плански документи, не сите инвестиции кои се најавуваат преку ова партнерство се веќе вклучени во планираните буџетски расходи. Така, на пример, единствено мапиран проект е Клиничкиот центар во Штип, додека најголемата инвестиција – новата железничка пруга долж Коридорот X – не е буџетски планиран проект. Ако овие проекти не се вклучени во постојните среднорочни буџетски проекции, нивната реализација ќе доведе до поголем дефицит од планираниот, а со тоа и до повисок јавен долг. Под претпоставка дека половина од просечниот годишен износ на британскиот заем би претставувал буџетски дефицит над проектираното ниво во Фискалната стратегија, јавниот долг во 2029 година би изнесувал 65,9 отсто од БДП, наспроти моментално проектираните 62,2 отсто“ пишуваат од „Фајненс тинк“.
Во анализата се предупредува дека сценарио во кое британското финансирање е над износот на среднорочно проектираниот буџетски дефицит крие опасности и е спротивно на заложбата за фискална консолидација.
Од друга страна, како поволни се истакнуваат условите за финансирање. Доколку станува збор за проектно финансирање со релативно ниски каматни стапки и грејс периоди, тоа, според „Фајненс тинк“ би било поповолно во однос на алтернативните извори на финансирање на буџетските дефицити, како еврообврзниците. Сепак, се нотира дека ако британскиот заем е дополнување, наместо замена на финансирање на буџетските дефицити од други извори како еврообврзници, тогаш нашиот каматен долг ќе продолжи да расте.
„Оттука, додавањето на финансирањето со британскиот заем на веќе проектираниот среднорочен буџетски дефицит претставува сериозен извор на фискален ризик. Од друга страна, доколку претставува финансирање во рамки на планираниот дефицит за следните три години, според предвидената фискална консолидација со Фискалната стратегија, ќе влијае особено поволно на јавните финансии и ќе даде значајна поддршка на фискалната консолидација“се додава во анализата.