Британските опозициски политичари го обвинија Венс за непочитување на британската војска, тој негира дека ја навредил Британија
Британските опозициски политичари го обвинија американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за непочитување на британската војска, откако тој за Фокс њуз изјави дека економските врски на САД со Украина се подобра безбедносна гаранција од 20.000 војници од некоја случајна земја која не била во војна 30 или 40 години.
Велика Британија и Франција изразија подготвеност да испратат свои војници на украинска територија како дел од потенцијалниот мировен договор.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека„ не именувал ниту една од двете земји кои храбро се бореа заедно со САД во изминатите дваесет години и порано во историјата“, јави Би-Би-Си.
Но, Венс, сепак, не откри на кои земји мислеше.
Во објава на социјалните мрежи тој напиша дека треба да се биде директен и да се признае дека има многу земји кои јавно или приватно нудат поддршка, но немаат ниту воено искуство ниту воена опрема за нешто значајно.
Досега само Лондон и Париз јавно ја искажаа намерата за испраќање мировни сили, но британскиот премиер Кир Стармер изјави дека на тоа се согласиле и голем број други земји, пишува Би-Би-Си.
Изјавата на Венс наиде на жестоки критики од британските опозициски политичари.
Британскиот опозициски министер за одбрана Џејмс Картлиџ истакна дека и Франција и Велика Британија се бореа заедно со САД во Авганистан.
„Крајно непочитување е да се игнорира таквата посветеност и жртва“, рече тој.
Лидерот на Реформската партија Најџел Фараж рече дека Венс погрешил и потсети дека Британија била со САД во Авганистан 20 години.
Портпаролката за одбрана од либералдемократите Хелен Мегваер, поранешна воена полицајка која служела во Ирак, побара извинување од Венс.
„Џеј Ди Венс брише од историјата стотици британски војници кои ги дадоа своите животи во Авганистан и Ирак, рече таа.
Британија се приклучи на американската инвазија на Авганистан во октомври 2001 година по нападите на 11 септември, а Французите отидоа со нив.
Повеќе од 150.000 британски војници служеле во Авганистан во изминатите 20 години, јавува Би-Би-Си.