Брнабиќ за жителите на Лазаревац: Не знам што сакаат кукавициве
Претседателката на Парламентот на Србија, Ана Брнабиќ, на трибината на Српската напредна партија (СНС), одржана во саботата навечер во Домот на културата во Лазаревац, изјави дека жителите кои ја пречекале со негодување и свирежи се обични кукавици. Обраќајќи им се на присутните во салата во Лазаревац, таа рече дека воопшто не ѝ е јасно што сакаат тие граѓани.
„Да ви кажам искрено, онака колоквијално, мајко мила, јас не знам што тие сакаат“, изјави Брнабиќ. „Дојдоа двесте од нив овде, сите кукавици, нема поголеми кукавици… А нашата бедна, добра полиција стоеше таму, а овие другите сите беа во фазон ‘држете ме да не им пријдам’“, раскажа претседателката на Собранието.
„А што ќе прават, ќе дојдат овде кај нас 900, па што ќе направат“, праша Брнабиќ, додека присутните симпатизери на СНС ја поздравија со овации. Инаку, според официјалните податоци, салата на Центарот за култура во Лазаревац има 543 места, но можно е претседателката на Собранието да ги пресметала и полицајците кои го обезбедуваа настанот.
„Неверојатна глупост, неверојатно е што тие луѓе прават“, додаде таа и продолжи: „И замислете некогаш такви луѓе да ја водат Србија… Замислете, далеку било“, заклучи Брнабиќ, испратена со аплауз од министерот Синиша Мали, кој исто така учествуваше на трибината.
Жителите на Лазаревац синоќа ја пречекаа Брнабиќ и Мали со свирежи, извиците „у-а“ и „каде си докторе“. Државните функционери беа обезбедувани од голем број специјално опремени полицајци, кои меѓу другото користеа и непробојни чадори, за случај некој да фрли јајца, расипани домати или други супстанции и предмети врз функционерите на СНС. (Бета)