Брнз: Преземени се заштитни мерки за граѓаните да го остварат своето право на глас

Американската амбасадорка Кејт Мери Брнз изјави дека не може да се каже каков ќе биде одѕивот на гласачите на претстојните предвремени парламентарни избори во услови на пандемија, но се надева дека преземените заштитни мерки од страна на властите, како и донираната американска помош за обезбедување заштитни средства ќе ги охрабрат граѓаните да излезат и да го остварат своето гласачко право на денот на изборите.

– Ќе треба да видиме каков ќе биде одѕивот на гласачите. Како и сите други, охрабрени сме од мерките за заштита кои се преземени, од одличната комуникација која е преземена од страна на Владата да ги охрабри гласачите да излезат и да го остварат своето демократско право на глас и избор и да го направат тоа безбедно и во здрава средина. Се надеваме дека тоа ќе биде ситуацијата на денот на изборите за кои гласањето веќе почна денеска и ќе треба да почекаме и да видиме. Но, да повторам, горди сме што можевме да помогнеме преку обезбедување на оваа опрема и се надеваме дека таа ќе помогне граѓаните да имаат доверба во овие дополнителни мерки, рече амбасадорката Брнз на новинарско прашање по доделувањето на донација за Државната изборна комисија која се состои од средства за дезинфекција и заштитни маски.

Back to top button
Close