Бројките ќе се зголемат: Епидемиологот Тања Мургоска вели дека ќе се заразуваат и прележаните

Може да се очекува зголемување на бројките на новозаразени со ковид-19, а најголеми причини се недоволниот процент на вакцинација, непочитување на мерките и студениот есенски и следен зимски бран кој ќе наложи престој во затворен простор, оценува епидемиологот Тања Мургоска-Станимировиќ од прилепскиот Центар за јавно здравје.

Иако нема екстремни зголемувања како лани, сепак треба поголема имунизација на населението, вели таа.

– Ако се има предвид малиот опфат со две дози вакцина, факт е дека голем број лица кои прележале ковид може повторно да се заразат. Можни се реинфекции кај луѓето кои поминале повеќе месеци од прележувањето. Секако треба да очекуваме во наредниот период пораст на новоинфицирани, доколку не се придржуваме на препорачаните мерки и додека не се зголеми опфатот на вакцинација, додека не го постигнеме она препорачано ниво од 80-90 проценти на примени две дози вакцина. Бројот на активни случаи во моментов во Прилеп е 419 – вели Мургоска-Станимировиќ.

Таа додаде дека се опфатени сите возрасти, намногу возрасните над 65 години, од 20 до 39 години.

– Меѓу заразаните се и вакцинирани со две дози, но генерално тие се со поблаги симптоми и кај нив пократко трае заразата. Во модуларната болница се хоспитализирани 22 пациенти и состојбата со денови е непроменета. Од почетокот на овој месец забележан е пораст на новозаразените. Во првата недела од ноември беа 187, а минатата 185 новозаболени. Во октомври просечно неделено новозаболени беа по 110. Сепак, ова не е големо зголемување и не станува збор за екстремно зголемување на бројот на новозаболени. Во споредба со лани, во ноември, кога беше пикот, неделно беа по 427 новозаразени со ковид-19 – истакна Станимировиќ.

Според Мургоска-Станимировиќ, ситуацијата во училиштата се смета за контролирана и стабилна со сегашните бројки на новозаразени.

– Минатата недела се регистрирани 19 позитивни ученици, 72 деца се ставени во изолација. Редовно ја следиме состојбата во училиштата. Засега сметам дека е под контрола состојбата во училиштата и во овој момент сѐ уште е стабилна – вели епидемиологот Тања Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Прилеп.

Back to top button
Close