Бројот апсења поврзани со фудбалот во пораст во Англија
Апсењата поврзани со фудбалот во Англија и Велс се во пораст во последно време, а најголем број се однесуваат на натпреварите на лондонски Вест Хем, соопшти денеска британската Влада.
Во изминатата сезона 2023/2024 извршени биле 2.584 апсења, што е за 14 отсто повеќе од претходната сезона.
Во извештајот се наведува дека зголемувањето на апсењата е поврзано со поседување дрога, но и со Европското првенство кое летово се одржа во Германија.
Стапката на апсење во текот на сезоната изнесува 5,5 на 100.000 навивачи кои присуствувале на натпреварите во првите шест нивоа на англискиот фудбал, Велшката лига и првите две нивоа на женскиот фудбал во Англија. Во статистиката се вклучени и натпреварите на англиската и велшката репрезентација, како и финалето од Лигата на шампионите кое се одигра на „Вембли“.
„Важно е овие бројки да се стават во контекст. Минатата сезона, околу 47 милиони луѓе присуствуваа на машките натпревари во домашните и меѓународни натпреварувања, што е најголем број во нашата историја, а огромното мнозинство навивачи се граѓани кои го почитуваат законот и сакаат да го поддржат својот тим.“, изјави шефот на британската полиција за прекршоци поврзани со фудбалот Марк Робертс.
„Сепак, има мал број навивачи кои прават прекршоци и ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со обвинителите и другите партнери за да се осигураме дека одговорните ќе одговараат за овие дејствија“, додаде тој.