Бројот на вработените во јавниот сектор изнесува 129 374 лица, просечната возраст 46 години

Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2022 година изнесува 129 374 лица. Тие својот работен ангжман го реализираат во 1 354 институции. Бројот на институции во однос на 2021 година е зголемен за осум, соопшти на денешната прес-конференцијата министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Тој информира дека од 1 354 институции, 60 отсто се на локално ниво, а околу 40 отсто се на централно ниво. Од нив, најмногу или 533 институции се од дејноста образование, труд и социјална политика се 125 институции, култура – 121, управа – 117, комунални работи – 113, здравство – 111, локална власт – 81, правосудство – 64, правда -14 …

-Споредбено со Извештајот за 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2 714 вработени. Од вкупниот број, 18 909 лица биле вработени во Армијата, МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција, истакна министерот за информатичко општество и администрација во Владата.

Посочи дека освен како бројка, за овие вработени лица во Извештајот не се прикажуваат други детали и анализи. Додаде дека тоа е поради законски и безбедносни причини.

Според анализата, најмногу вработени од јавниот сектор се во дејноста образование – 34 отсто, здравство – 18 , управа – 13, комунални работи – 9, труд и социјална работа -7, локална власт – 5 отсто…

-Во органите на државната власт, согласно овој Извештај, се вработени вкупно 14 531 лице. Бројот на вработените во органите на државната власт претставува само 13 отсто од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор. Од вкупно 129 374 лица, во Владата, министерствата, органите во рамки на министерствата, самостојните органи на државната управа и итн. се вработени 14 531 лице, нагласи Алиу.

Извештајот нотира дека во голем број институции – 504 има до 50 вработени, а намјал број, само 24 институции имаат над 500 вработени.

Како и во претходните извешати, така и во овој, како што рече Алиу, се покажува дека дека голем број од вработените во јавниот сектор се жени – 56,29 отсто, наспроти мажи – 43,71 отсто.

Жените се најзастапени во областа труд и социјална политика – 82,99 отсто, особено јавните установи за социјална и детска заштита. Во здравството има 72,72 отсто и образование со 66,71 отсто жени. Мажите се најзастапени во дејноста животна средина со 89,29 отсто, а доминантно се застапени и во дејностите транспорт и комунални работи.

-Просечната возраст на вработените изнесува 46,03 години. Споредбено со Извештајот за 2021 година, се забележува незначително намалување на просечната возраст на вработените во јавниот сектор, рече министерот. Информира дека до 31.12 2022 година, 71 отсто од вработените се Македонци, 21,6 отсто се Албанци, 2,42 се Турци, Роми – 1,49 отсто…

Во 2022 година се воочува намалување на бројот на доктори на науки и на магистри, а на сметка на тоа се зголемува бројот на вработените во основно образование. Тој потенцира дека повеќе од половината, односно 55,85 отсто од вработените во јавниот сектор имаат најмалку високо образование.

Back to top button
Close